Османи: Неодржување на првата меѓувладина конференција во декември е неуспех за сите


Фото: Б. Грданоски

Неодржување на првата меѓувладина конференција во декември е неуспех за сите, и за нас и за Бугарија и за германското претседателство, но и за сите учесници во Берлинскиот процес, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Османи, на прес-конференцијата во пресрет на македонско-бугарското ко-претседавање со Берлинскиот процес 2020 (БП-2020), рече дека самата идеја за процесот е поттикнување на регионална соработка и забрзуавње на евроинтеграцијата на регионот.

– Треба да прифатиме дека отсега ќе треба да бараме консензус со 27 земји-членки. Во сите 130 чекори може да се случи една земја членка да не даде потврда. Во однос на Бугарија, јас мислам дека постои простор и разбирање од двете страни за важноста на постојниот момент и со работата на комисиите и политиката да најдеме начин за напредок, изјави Османи.

Во врска со тврдењата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека на средбата со Захариева му бил предложен нов договор, Османи потенцира дека не постои никаква конспирација во целиот процес и дека основната порака на Бугарија била содржана во изјавата на бугарскиот премиер Бојко Борисов, а тоа е дека не сака Бугарија да дојде во ситуација да ја блокира европската перспектива на земјава.

Османи нагласи дека очекува Берлинскиот процес да биде круна на успехот на сите наши напори, очекува пробив на политички план. Рече дека на сите состаноци се разменети различен сет на идеи, предлози, но напомена дека основата порака на Бугарија е таа и врз основа на неа ќе се обидат да ја интензивираат комуникацијата за да не останат никакви недоречености меѓу двете страни.

Шефот на дипломатијата потенцира дека е добро што Мешовитата македонско-бугарска комисија денеска продолжува со работа и ги охрабри нејзините членови да најдат заеднички точки на приближување и одбележување на историски настани и личности.

Истакна дека Комисијата била на пауза поради кризата со коронавирусот, но и изборите кај нас и напомена дека таа досега остварила видливи резултати, имала девет средби од кои произлезе заедничко одбележување на пет историски личности, но и надминување на разликите за две историски епохи, античкиот и средновековниот период, кои во форма на препораки се доставени до министерствата за образование. Нагласи дека други вакви комисии во Европа на пример се сретнуваат еднаш до два пати годишно.

-Пронаоѓањето на заеднички точки уште повеќе ќе не зближува и од еден модус на историски прашања ќе преминеме во модус на реформи. Затоа ни е важна првата меѓувладина конференција, бидејќи целото општество ќе почне компетиција во однос на реформите, а не компетиција во однос на историските настани, односно идентитетските прашања, нагласи Османи.