Османи негира дека ДУИ си го демолирале сами билбордот


Вицепремиерот и висок функционер на ДУИ, Бујар Османи попладнево преку својот Фејсбук профил реагираше на веста на „Лајм“ во која се тврди дека ДУИ платиле комити за вечерва да им го демолират билбордот кои сами го поставија спроти Владата.

„Лажните вести стануваат се поголем здравствен, политички и безбедносен проблем. Институциите да реагираат ургентно“, пишува Османи на Фејсбук.

Според „Лајм“ целта на нарачката од ДУИ да се демолира билбордот била да се создаде тензија и впечаток во албанската јавност дека македонските националисти навистина се плашат од „предлогот за албански премиер“ и со тоа да се зголеми рејтингот на ДУИ.

„Врвот на партијата е незадоволен, бидејќи очекуваше Албанците помасовно да ја поддржат идејата на Али Ахмети за премиер Албанец. Сега кога се свесни дека им пропадна оваа идеја за да придобијат повеќе гласови, ДУИ сака да игра на картата на национализам. За овој предлог да добие поголем одек кај Албаницте, врвот на ДУИ смета дека е добро да се демолира билбордот поставен спроти Владата. Според нивниот план, откако Комитите вечерва ќе го демолираат билбордот, активистите на ДУИ ќе почнат со протести пред владата. После тоа, Македонци да излезат со контрапротести и на тој начин да се создаде сценарио слично на настаните во Кале пред неколку години“, тврдат извори од ДУИ за Лајм кои се незадоволни од актуелната политика на партискиот врв, оти работела на „враќање на коалицијата ДУИ-ВМРО-ДПМНЕ после изборите“.

Инаку на скопското Кале во 2013-та година се судрија Комитите и активистите на зфружението „Разбуди се“ на Артан Груби, пред тој да се приклучи на ДУИ.

„Ве молиме да ја објавите ова вест побрзо, со цел полицијата и меѓународниот фактор го открие и спречи овој план за создавање меѓуетнички тензии“, пренесува „Лајм“.

Во МВР се со став дека немаат информации за конкретниот случај, но дека од поодамна поседуваат одредени информации за планови за создавање на меѓуетнички тензиии во државата, пишува Лајм.