Османи не би коалицирал со тие што ги поткопуваат правата на Албанците во Македонија
Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, реагираше на обвинувањата од коалицијата Влен, оценувајќи дека тие, според него, се обидуваат официјалните дипломатски средби да ги претстават како политички определби.
Во реакцијата, Османи наведува дека е несериозно средбите што ги остварува министер за надворешни работи да се толкуваат како политичка определба, додека, како што тврди, коалицирањето со партии кои ја негираат независноста на Косово, геноцидот во Сребреница и го релативизираат Охридскиот рамковен договор се претставува како нормална политичка практика.
Тој посочува дека, според логиката на Влен, би требало да бидат критикувани и светски лидери кои се среќаваат со претставници на држави со кои имаат несогласувања, нагласувајќи дека суштината на дипломатијата е токму водење дијалог со оние со кои постојат разлики.
Османи истакнува дека дипломатските средби се уставна и законска обврска на министерот за надворешни работи, додека коалицирањето претставува политички избор и, според него, овие две работи не треба да се поистоветуваат.
Во реакцијата се наведува и дека соопштението на кое се повикува Влен е официјално соопштение на Кабинетот на претседателот на Србија кое, според Османи, ги одразува ставовите на српската страна, а не на Република Северна Македонија.
Османи додава дека и денес би се сретнал со секој свој странски соговорник, без разлика на политичките разлики, бидејќи тоа е обврска на шефот на дипломатијата. Сепак, нагласува дека никогаш не би избрал да коалицира со политички субјекти кои, според него, ја негираат независноста на Косово, го релативизираат геноцидот во Сребреница или ги поткопуваат правата на Албанците.
Претходно Влен објави дека ДУИ нема право да ја обвинува за наводна поврзаност со концептот на „српскиот свет“, повикувајќи се на официјално соопштение од Претседателството на Србија по средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи во 2021 година. Од Влен наведуваат дека во соопштението, меѓу темите на разговор, било споменато и „унапредувањето на положбата на Србите во Северна Македонија“, оценувајќи дека тоа, според нив, ги побива обвинувањата што ДУИ во последните денови ги упатува кон коалицијата.
Во партиското соопштение се наведува дека ДУИ со денови изнесува неосновани обвинувања и се обидува да ја поврзе коалицијата со „српскиот свет“, но дека официјалните документи, според нив, покажуваат поинаква слика.
Од ВРЕДИ, исто така, оценуваат дека документот покажува оти за време на владеењето на ДУИ, албанското прашање не било меѓу нивните главни приоритети.