Османи: Натпреварот со отворање на клубовите овде и во Бугарија не е во интерес на добрососедството

„Кога дознав кој го финансира клубот, сѐ ми беше јасно. Тоа е фондација од Канада. Не можеме да дозволиме агендата некој да ни ја киднапира“, вели Османи


Фото: Б. Грданоски

 

Шефот на дипломатијата Бујар Османи најави дека нема да оди на отворањето на македонскиот културен клуб во Благоевград од истите причини поради кои не отишол и на отворањето  на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола.

„Нема да одам поради истите причини поради кои не отидов на отворањето на клубот во Охрид, бидејќи ниту едниот ниту другиот не прават услуга на бугарското малцинство овде и заедницата таму и не се во рамката и духот за соработка. Реков дека отворањето на клубот овде не е во интерес на бугарската заедница кај нас, а исто и организацијата која стои зад клубот ‘Никола Вапцаров‚ не може да биде во интерес на граѓаните таму“, рече Османи.

Според него тој  процес треба да се врати на духот на добрососедството, а не во духот на натпревар.

На прашањето како открил кој стои зад иницијативата во Бугарија, а не открил кој стои тука зад бугарските клубови, тој повтори дека не мисли дека отворањето на клубовите е во функција на добрососедството меѓу нашите две земји.

„Кога дознав кој го финансира клубот, сѐ ми беше јасно. Тоа е фондација од Канада, која има и своја веб-страница и доколку ги гледате позициите кон државата, кон стратешките интереси на државата ќе видите дека не е во функција на тие стратешки интетреси и не очекувам дека ќе биде во функција на граѓаните и на односите меѓу двете земји. Фактот што финансиер на тој клуб е тоа здружение за мене е доволен факт дека оваа иницијатива нема добра намера. Не ми се допаѓа оваа тенденција да се злоупотребува оваа ситуација за политички агенди, и тоа не е патот што треба да го одиме. Не можеме да дозволиме агендата некој да ни ја киднапира, гледајќи го позиционирањето на тие што стојат зад тоа. Го гледам ова од перспектива на државен интерес и од перспектива на меѓудржавните односи. Тој настан ќе ги задоволи чувствата да возвратиме, но тоа ќе трае кратко. Тоа што ќе се случи утре ќе биде многу поважно од тоа што ќе се случи задутре – поставувањето на камен темелникот за железницата е поважен од натпреварот со отворање на клубовите#, рече Османи.

Околу забелешката кој треба да отвара клубови во Бугарија тогаш, Османи посочи на клубот што ќе го отвора Министерството за култура на Македонија.

„Не велам дека луѓето таму не треба да отвраат клубови и доколку се во духот на пријателството и добрососедството, ќе присуствував и во Охрид и во Благоевград. Да не дозволиме провокатори да ни ја земат агендата“, дополни Османи.  

На инсистирањето да каже кој стои зад клубовите во Македонија, тој рече дека институциите имаат такви информации.

„И клубот овде не е во фукција на добрососедските односи и тој таму. Јасно е кој стои зад тие во Македонија, таму беше бугарскиот амбасадор, бугарскиот премиер… Немам тука двојни стандарди, напротив сакам да ја вратам агендата во едни нормални добрососедски односи“, рече Османи. 

Околу лапсусот на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која го нарече народот северномакедонски, Османи рече дека нема да прати официјална реакција поради добронамерноста кон Македонија што ја покажа таа за време на посетата.  

Османи исто така изјави денес дека бил шокиран од коментарите на луѓе кои со денови ги плашеле граѓаните со загрозеност на македонскиот јазик со прифаќањето на францускиот предлог за почнување на преговорите со ЕУ, а сега велат дека тоа било нормално, дека секогаш се потпишувале така договорите, нарекувајќи го тој однос „нечесен“. Тој нагласи дека за првпат на релација со ЕУ се потпишува договор на македонски јазик, така што според него тоа тврдење е неточно.

„Тежината на ова што се случи, колку и да сакаат некои да ја потценат, нема да можат зошто ова се факти“, рече Османи, потсетувајќи на изјавите со кои бил обвинуван дека работи за интересите на друга држава.

„Никогаш во историјата оваа држава нема потпишано договор  што го одобрува Советот на ЕУ и ја содржи клаузулата на јазикот. Сме имале со Европска инвестициска банка како децентрализирано тело на Унијата или со Европската комисија како извршно тело на Советот, административно, но до 2005 година. Дури и ЕК последен пат јазикот во своите извештаи го спомнува во 2005 и после тоа исчезнува користејќи ја формулацијата   ’државен јазик‘ или ’јазик кој се употребува во службена употреба низ цела држава‘. Нешто како ова 20 проценти во нашиот Устав“, рече Османи.

Дури и во Спогодбата за стабилизација и асоцијација, вели тој, се користи „официјален јазик“.

„Од 2005 година за првпат се појавува во употреба во европската циркулација на договори и документи. Дури и Спогодбата за стабилизација и асоцијација, кој е основниот документи кој ги регулира односите меѓу нас и ЕУ во членот 126 вели дека договорот е склучен на ’официјалните јазици‘ на странките при што секоја од двете верзии е еднакво автентична. Замислете, 2001 година Спогодбата за асоцијација е потпишана со ’официјалните јазици‘, никогаш после тоа… Комисија го употреби чат-пат во неколку наврати, после тоа исчезнува од употреба, за во 2022 година да се врати на голема врата“, рече Османи.

Тој рече дека е крајно време сите политички партии да потпишат меморандум во кој ќе стои дека кој и да дојде на власт ќе ги спроведе реформите што се дел од преговорите со ЕУ. 

Инаку, клубот „Никола Вапцаров“ треба да се отвори в недела, а македонскиот премиер Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи веќе најавија дека нема да присуствуваат на настанот, додека претседателот Стево Пендаровски реши да испрати свој преставник од кабинетот. На поканата се одзваа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Левица.

Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП), кое го финансира отворањето на клубот, е активно за прашањата за човековите и националните права на Македонците во соседството и во дијаспората од 1986 година. Тоа е постаро од независната македонска држава и во континуитет дава потпора на организациите на Македонците во Бугарија, како ОМО „Илинден“ – Пирин, Виножито во Грција, организациите во Албанија, Австралија, Америка и други држави. Политички тоа е на линија на најголем дел од нашата дијаспора во светот која е ултра патриотска и во голема мерка наклонета на позициите на националистичките партии кај нас, што не го проблематизира сепак нивниот придонес во борбата за права на Македонците. Организацијата е со седиште во Торонто, а нејзин претседател е Бил Николов. Таа актуелната власт во Македонија ја именува како „режим“ и ја обвинува дека не си го одржала зборот дека ќе го „финансира македонскиот културен центар во Пиринска Македонија“. (С.Ј.)