Османи: Напредокот во евроатлантските структури создава бизнис клима за инвестиции

Фото: Б. Грданоски

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, во рамки на работната посета на Португалија оствари средба со министерот за инвестиции и економски развој на Полска, Јежи Квиецињски, каде беа отворени темите за билатералната и економската соработка помеѓу двете земји, како и за поддршката од страна на Полска за европските интеграции на Република Северна Македонија.

– Пред само три дена Парламентот на Полска го ратификуваше протоколот за НАТО, и дозволете ми ја честа да ви ја пренесам искрената благодарноста на Владата и граѓаните на Република Северна Македонија, за континуираната поддршка од страна на Република Полска, како билатералната, инвестирајќи во напредокот на нашата земја, така и поддршката за нашие евроатлантски амбиции, изјави Османи, посочувајќи и на улогата на Полска во креирањето на поддршката на процесот на проширување како во самата ЕУ, така и во рамките на земјите од Вишеградската група.

Во продолжение на средбата Османи нагласи дека Владата дава силна поддршка за економски раст и развој на државата, преку мерки со кои се стимулираат нови инвестиции за технолошки развој и повисока конкурентност на македонските компании, при што потенцираше дека странските инвеститори вклучително и полските може да очекуваат стабилна клима за инвестиции во нашата земја, како и финансиска поддршка и потполна соработка од страна на Владата.

– Северна Македонија има извесна евроатлантска иднина, што создава поволни услови за странските инвеститори, како и посебна околина за севкупниот економски развој. Ние како Влада сме особено посветени да обезбедиме предвидлива и прифатлива околина за странските инвестиции кои се добредојдени во земјата, истакна Османи, упатувајќи покана и до министерот Квиецињски за посета на земјава.

Претходно во рамките на повеќедневната работна посета на Португалија вицепремиерот Османи оствари средби и со министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантос Силва, како и со претседателката на Комисијата за европски прашања во рамки на португалскиот Парламент, Регина Бастос а во неговата агенда е и учеството на годишниот Хорасис глобален состанок (Horasis Global Meeting) кој е еден од водечките светски собири за бизнис на политички лидери каде оваа година дискусиите ќе се фокусираат околу темата „Катализирање на придобивките од глобализацијата“.