Османи најавува транспарентна општина Чаир, ќе му помага вештачка интелигенција


Фото: Б. Грданоски

Чаир да стане транспарентна општина, а вештачка интелигенција да проверува и да алармира доколку нешто е сомнително најави вчера кандидатот за градоначалник на оваа скопска општина од редовите на ДУИ, Бујар Османи.

Според него, Чаир денес е една од најнетранспарентните општини во Македонија.

„Корупцијата и непотизмот го задушуваат развојот, а општината е узурпирана од оние кои ја водат. Наместо да им служат на граѓаните, тие работат за свои интереси“, рече кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи.

„Денес сум тука да дадам збор дека тоа завршува по промената на власта на 19 октомври. Од најнетранспарентна, Општина, Чаир ќе биде во првите пет општини по транспарентност,“ порача Османи.

Тој истакна дека празните зборови им ги остава на неговите политички противници, а дека тој самиот ќе докаже со дела. За таа цел го претстави новиот сет механизми за борба против корупција и заштита на јавниот интерес под името „Граѓанско око“.

„Овој сет вклучува четири нови решенија што досега не ги вовела ниту една општина. Не е доволно само да се има желба, потребни се и јасни механизми“, порача Османи.

Четирите механизми кои го сочинуваат „Граѓанското око“ се:
– Јавно отворање на тендерите – Секое отворање на понуди за јавни набавки ќе биде јавно, со пренос во живо и снимка достапна на интернет. Ова е дозволено со законото за јавни набавки до одредена фаза на постапката.

– Во текот на целата постапка, ќе се спроведува независен мониторинг од НВО и експерти за антикорупција во процесот на избор на најповолен понудувач кај поголемите тендери, за да се обезбеди фер и законска постапка.

– “Јавна каса” – Онлајн следење на сметките, приходите и исплатите на општината, преку едноставна алатка со која граѓаните во секое време ќе можат да знаат за што се трошат нивните пари.

– “AI контрола” – Постепено воведување на автоматизација на проверките со алатки за вештачка интелигенција, кои ќе ја елиминираат човечката пристрасност и ќе алармираат доколку нешто не е во согласност со законот.

„Со овие конкретни и ефикасни механизми ќе обезбедиме вистинска транспарентност и ќе ја заштитиме општината од корупција. Тоа е мојата заложба до граѓаните на Чаир,“ нагласи Османи.