Османи на видеоконференциска средба со група поранешни европратеници


Фото: Б. Грданоски

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари видео-конференциска средба со група поранешни европарламантарци, членови на Здружението на поранешни европратеници чиј ангажман во промовирањето на европските стандарди и вредности, е препознаен и високо вреднуван, како и нивната силна поддршка на европската перспектива на земјата

Како што соопшти МНР, Османи им се заблагодари на учесниците за големиот интерес за реализирање на ваквата посета на земјава дури и со овие Ковид-19 околности, а го поздравил и нивното силно лобирање за отпочнување на ЕУ пристапните преговори со Северна Македонија во текот на германското претседателство со ЕУ до крајот на оваа година.

– Имав интензивна и плодотворна посета на Брисел минатата недела за време на која се сретнав со влијателни европратеници, претставници на различни политички групи во Европскиот парламент. Од нивна страна, недвосмислено  беше потврдена силната поддршка за европската перспектива на Северна Македонија, непречен тек на европската агенда на земјата, усвојување на преговарачката рамка и организација на првата меѓувладина конференција до крајот на оваа година, нагласи Османи.

Министерот Османи, се додава во соопштението, ги информираше пратениците за силната определба на нашата земја за членство во Унијата, како и подготвеноста за спроведување на реформите што ќе не приближат до оваа цел.

– Овој состанок коинцидира со денешното објавување на Годишниот извештај од страна на Комисијата, како и на Економско-инвестицискиот план за Западниот Балкан, кои ќе ги презентира еврокомесарот Вархеји. Ние сме посветени и работиме напорно на исполнување на реформските приоритети со ЕУ предзнак, со акцент на владеењето на правото, како и на сите политички и административно-технички подготовки за финализација на преговарачката структура, до крајот на годината, заклучи Османи.

Здружението на поранешни европратеници претставува асоцијација на повеќе од 800 поранешни пратеници во Европскиот парламент од сите земји во ЕУ и со застапеност на целиот политички спектар, стои во соопштението.