Османи на средба со колегите од регионот на маргините на Бледскиот стратешки форум


Министерот за надворешни работи Бујар Османи, утрово, на маргините на Бледскиот стратешки форум, учествуваше на состанок организиран од министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, на кој се разменија мислења за актуелните случувања на Западниот Балкан, со фокус врз неговата европска и евроатлантска перспектива, регионалната соработка, како и за влијанието на војната во Украина врз политичките и економски процеси во регионот.

Како што соопшти МНР, во своето излагање министерот Османи истакна дека почетокот на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ има историско значење, со оглед на седумнаесетгодишниот период на чекање од добивањето на кандидатски статус. Според Османи, овој чин ја нагласува важноста на политиката на проширување, како еден од најуспешните проекти на ЕУ, во зајакнувањето на европското единство и консолидација на безбедноста и демократските принципи и вредности на европскиот континент.

-Евроинтеграцискиот процес ѝ помага на Северна Македонија да ги зацврсти своите демократски потенцијали, а со решавањето на споровите со соседите, да обезбеди долгорочен развој и предвидливост, потенцира Османи.

Во ситуација кога континентот е под влијание на пошироките политички и економски ефекти на воената криза во Украина, но и на нерешените прашања во регионот, Османи, се наведува, ја нагласи неопходноста на континуирана комуникација и координација, како во рамките на иницијативата Б6, неформалната платформа на министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан, покрената од него во јуни, минатата година.

На состанокот учествуваа и министрите за надворешни работи на Хрватска Гордан Грлиќ Радман, на Босна и Херцеговина Бисера Турковиќ, на Косово Доника Грвала Шварц, од Црна Гора Ранко Кривокапиќ и заменик министерката за надворешни работи на Албанија Меги Фино.