Османи на средба со амбасадорите на ЕУ


Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска имаше средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ, акредитирани во Северна Македонија. Средбата беше со цел министерот да ги брифира амбасадорите за приоритетите од својата мандатна мисија, но и да даде пресек за актуелните случувања  поврзани со европската агенда на земјата, особено  предизвиците  во билатералните односи со Бугарија и процесот на усвојувањето на преговарачката рамка како предуслов за почеток на преговорите со  ЕУ.

„Северна Македонија денес е земја која има стабилни, долгорочни и функционални мултиетнички односи, со цврсти механизми за заштита како на индивидуалните права на граѓаните, така и на колективните права на етничките заедници. Не отстапуваме од нашата амбиција да продолжиме со надворешната интеграција со нашето најблиско соседство, кое посакуваме да резултира со стабилни и квалитетни добрососедски односи, со потенцијал да преминат во трајно пријателство  со силна меѓусебна доверба“, истакна Османи.

На средбата се дискутираше и за учеството на Северна Македонија во заедничката надворешна и  безбедносна политика на ЕУ. Во тој контекст, Османи истакна:

„Нашата држава во 2020 година има постигнато висок степен на усогласување со  позициите на ЕУ, дури повеќе од 93 % што е индикатор дека   земјата ги споделува  вредностите и принципите  на надворешната политика на Европската Унија“.

Зборувајќи за надворешната политика на земјата, Османи се осврна и на активната поддршка на мултилатерализмот и зголеменото присуство на земјата во мултилатералните организации.  Во  таа насока ги информираше Амбасадорите за поднесената кандидтарура за претседателство со  ОБСЕ  за 2023 година.

„Јакнењето на  мултилатерализмот, преку дијалог и партнерство, како и продолжувањето на  развивање на пријателски односи  меѓу сите земји-членки на ОБСЕ  е појдовната  точка на идната програма за нашето претседателство”.

Министeрот ги брифираше амбасадорите и за активностите на министерството во насока на јакнење на економската диплoматија.

„Од исклучително значење е зголемувањето на  билатералната и мултилатералната  економска соработка со другите земји во насока на  привлекување на странски инвестиции,  зголемување на извозот  и промоција на  туристичкиот потенцијал на земјата“, потенцираше Османи.

Зборувајќи за приоритетите во однос на економската дипломатија, министерот го претстави новиот концепт, преку назначување на економски советници во дипломатските мисии кои се очекува фокусирано да работат на постигнување на овие цели.