Османи на ЦЕИ во Софија

Во Софија денеска и утре ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи на земјите од Централноевропската иницијатива, со кој Бугарија претседава годинава. Македонија на состанокот ќе ја претставува министерот за надворешни работи Бујар Османи. Специјални гости на официјалната средба во Софија се генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) Матијас Корман, како и претставници на Светската здравствена организација (СЗО), Организацијата за црноморска економска соработка, Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и Јадранско-јонската иницијатива.
Министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков вечер во Националниот историски музеј ќе приреди гала вечера за лидерите на делегациите на земјите од иницијативата и специјални гости. Утре во државната резиденција „Бојана“ официјално ќе започне средбата на министрите за надворешни работи на ЦЕИ, во чии рамки во Гранд хотел „Милениум“ ќе биде отворен економско-бизнис форум.
Приоритетите на бугарското претседателство се економско и социјално закрепнување од пандемијата и од последиците од војната против Украина, подобрување на транспортната поврзаност, младите и развојот на локалната димензија на ЦЕИ.
Од кабинетот на Османи известија дека тој ќе има средби со министерот за надворешни работи, Николај Милков, со премиерот Галаб Донев, како и со лидерите на главните партиите застапени во новото бугарско Собрание. Османи ќе се сретне и со Бојко Борисов од ГЕРБ, Кирил Петков од Продолжуваме со промената, Мустафа Карадај од Движењето на правата и слободите, Корнелија Нинова од Бугарската социјалистичка партија, Христо Иванов од Демократска Бугарија и со Стефан Јанев од Бугарски подем.
ЦЕИ е една од најстарите иницијативи за регионална соработка во Европа, формирана е на 11 ноември 1989 година, по падот на комунизмот и Берлинскиот ѕид. Во неа членуваат 16 земји – девет од Европската унија – Италија, Унгарија, Словенија, Полска, Чешка, Словачка, Бугарија, Романија и Хрватска, пет од Западен Балкан – Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија и Босна и Херцеговина, и две од Источното партнерство – Украина и Молдавија.