Османи му контрира на Заев за јазиците


Фото: Б. Грданоски

Законот за јазици нема да се чепка, какви и да бидат конечните забелешки од Венецијанската комисија – порача вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, пред да отпатува за Луксембург и за Брисел, во посета што од неговиот кабинет ја најавија како „вонредна“.

Посетата на Османи, како што се посочува, е со цел последни консултации и разговори со претставници на ЕУ, спроти министерскиот совет за општи работи (ГАК), каде што на дневен ред е одлуката за почеток на преговорите со Северна Македонија. Претходно, во гостување на Алфа, Османи настапи контра најавите на премиерот Зоран Заев дека Владата ќе ги имплементира сите препораки на Венецијанската комисија во однос на законот за употреба на јазиците, кој беше дел од преткоалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ.

Според вицепремиерот, измени во законот за јазици се можни само ако за нив се обезбеди консензус. Од друга страна, Заев најави дека ќе ги почитува забелешките на Венецијанската комисија при Советот на Европа, која во дел од првичниот извештај за Законот за јазици што беше објавен во медиумите, имаше крупни забелешки во однос на новиот закон за употреба на јазиците.

Со оглед на тоа што нацрт-текстот на извештајот беше „пробиен“ во период пред Европскиот самит и одлуката околу датумот за почеток на преговорите за нашата земја, владата побара одложување на одлуката на Венецијанската Комисија, од каде што првично забележаа дека со дел од одредбите од Законот за јазици може да се предизвикаат сериозни проблеми во функционирањето на правниот систем.

Денеска во Брисел ќе отпатува и Заев, кој вчера замина во дводневна посета на Виена, каде што ќе учествува и на панел дискусија организирана од австрискиот институт „Карл-Ренер“ и фондацијата „Фридрих Еберт“, на тема „ЕУ – перспективите на Северна Македонија и домашните реформски процеси“. Наспроти големиот оптимизам што премиерот го негуваше сè до вчера во однос на одлуката за отворање на пристапните преговори на ЕУ со нашата земја, Османи во последните денови беше порезервиран во однос на прогнозите од исходот на Европскиот самит.

Пред да отпатува за Луксембург, вицепремиерот порача преку Фејсбук: „Независно дали одлуката ќе биде денес или утре, дали ќе биде ДА или НЕ, за нас сонцето и натаму ќе изгрева на Запад“.

Иако СДСМ и ДУИ во изминатиот период имаа разминувања за неколку политички теми, засега единствен им е ставот дека нема потреба од брзи предвремени избори, во случај земјава да не добие почеток на преговори. Иако во јавноста се јавуваат првите сомнежи дали владејачката коалиција ќе го издржи тестот на евентуален неуспех во Брисел, од СДСМ и од ДУИ велат дека нема потреба да се брза со избори и дека мнозинството во парламентот е стабилно. (П.Р.)