Османи: Контактите со Бугарија ќе се интензивираат

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, порача дека во наредниот период македонската влада ќе ги интензивира контактите со Бугарија за да се изнајде решение за несогласувањата и да се избегне било каква блокада на преговорите за членство во ЕУ.

Османи потсети дека Бугарија одигра важна улога во деблокирањето на ЕУ перспективите за целиот регион, тој очекува Софија да продолжи по тој пат.

-. Имајќи предвид дека Бугарија има голем дел од заслугите на враќање на европските перспективи на регионот, посебно преку софискиот самит во 2018, од интерес на Бугарија е да успее, и очекувам сите недоразбирања да се надминат во текот на наредниот период, изјави шефот на македонската дипломатија.Тој најави дека се очекува интензивирање на контактите на политичко ниво како и на работата на заедничката комисија, како обврска од договорот за пријателство со Софија.

Османи потсети дека една земја во ЕУ може да го блокира носењето на одлуката за почеток на преговори, поради што е важно да се одржи конструктивна комуникација помеѓу двете земји.

-За усвојување на преговарачката рамка потребен е консензус и одлука на сите земји членки на ЕУ, сепак рамката и МВК се операционализација на веќе донесена политичка одлука со консензус во март оваа година, една земја може да го забави или да го попречи процесот, но ние се надеваме дека нема да дојде до тоа, затоа што имаме инструменти на располагање како да се решат споровите, вели Османи за МИА.

Слична порака дојде и од бугарскиот пратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот Парламент, Илхан Ќучук.

-Се радувам што двете страни имаат желба да разговараат, да седнат на маса, се надевам дека нема да има ескалација или тешка политичка реторика како што беше за време на изборите. Тоа го надминавме, сега е време од двете страни да се седне и да се разговара за клучните прашања, вели пратеникот од редовите на Либералите.

За него е важно да се реализира целта на германското претседателство првата меѓувладина конференција да се одржи до крајот на оваа година, и дека за тоа ќе бидат потребни “суштински разговори“ помеѓу Скопје и Софија. Тој додава дека членството на Северна Македонија во ЕУ е стратешка цел за Бугарија исто така.

Ќучук додаде дека македонските граѓани со право очекуваат да не се одложи повторно одлуката за почеток на преговори, и увери дека поддршката на Европскиот Парламент за Северна Македонија е огромна.

-Со сигурност ќе биде многу негативен резултатот ако се одложи одлуката повторно, и за политичките елити на земјата како и за граѓаните. Од високо полесно се паѓа. Северна Македонија успеа низ годините да има јасна политика во однос на НАТО и ЕУ, успеа да ги исполни условите за влез во НАТО и нормално е граѓаните да очекуваат и да сакаат влез во ЕУ, затоа сите вложуваме толкави напори, изјави европратеникот за МИА.

Наредната недела се очекува Европската Комисија да ги објави извештаите за реформскиот напредок на земјите од регионот, по што Европскиот Парламент ќе изготви резолуција за Северна Македонија, под покровителство на Ќучук. Резолуцијата би требала да се финализира пред крајот на годината.