Османи: Ќе работиме до последен момент


Се додека постои уште простор, постојат денови пред нас, постои и можност да се разговара и да се рефлектира приближувањето на ставовите меѓу Северна Македонија и Бугарија, но одлуката ќе биде донесена во Советот на министри на Европската унија, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи .

Овие два дена, како што рече Османи, остава да се рефлектира влогот кој сме го внеле и последиците по нашите односи, регионалните прашања и по кредибилитетот на ЕУ.

– Нашата политика е дека ќе работиме до последниот момент од овој обид за носење одлука на Советот за општи прашања, но и за другите Совети. Ние немаме алтернатива од европската агенда. Не можам да кажам кој ќе биде исходот. Очигледно дека во Република Бугарија се понагласено се зборува за неприфаќање на рамката од нивна страна, но ние ќе продолжиме да работиме, да разговараме не само со Република Бугарија, туку со сите земји – членки, бидејќи немаме алтернатива од европскиот пат, истакна Османи.

Според него, очигледно е дека имаме разлики, кои во овој „балон“ на дневна политика и емоции изгледаат навидум ненадминливи, но тие разлики немаат врска со преговарачкиот процес.

– Тие разлики немаат врска со првата меѓувладина конференција, ниту со билатералниот скрининг, поглавјето владеење на право, отворање на поглавјето животна средина. Едноставно преговарачкиот процес не е ништо повеќе отколку техничка асистенција на Европската унија на земјата – кандидат за да може да оди напред, за да има владеење на правото, подобра животна средина, подобри трговски односи. Апсолутно ниту едно прашање не треба да биде пречка која ќе и оневозможи на една држава прогрес во овие прашања кои се споделено европски вредности, изјави министерот за надворешни работи.

Добрососедските односи, додаде, се важна обврска во целиот процес на пристапување.

– Добрососедските односи се предвидени во договорот во кој ние имаме преземено обврска дека ќе го реализираме нашиот дел од обврските. Се разбира на крај на процесот ќе има референдум и во Република Северна Македонија, а според Уставот за членство ќе има референдум во Франција, еве може да има и во Бугарија доколку сакаат. Но на никој начин прогресот на државата, владеењето на правото, отворањето и затворањето на поглавјето, преговарачкиот процес не треба да биде поврзан со разликите кои ги имаме во моментот, кои навидум изгледаат ненадминливи, а времето ќе покаже колку се ирационални и колку лесно ќе можеме да ги надминеме, подвлече Османи.

Шефот на дипломатијата уште еднаш нагласи дека нема да се откажат и оти ќе продолжат да работат како овие два дена, така и во иднина, бидејќи, како што рече, алтернатива од европскиот процес нема.