Османи ќе информира за попишувањето на дијаспората


Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ќе одржи прес-конференција во врска со спроведувањето на пописот кој од 1 март почна да се спроведува за неколку категории на граѓани, меѓу кои и за дијаспората.

Преку електронската апликација досега се попишани над 50 илјади граѓани.

Османи во саботата преку видео обраќање на „Фејсбук“ истакна дека апликацијата функционира едноставно и оти Министерството за надворешни работи е посебно ангажирано во овој процес, односно има отворено посебни телефонски линии опремени со најсовремените дигитални алатки ватсап/вајбер за да може граѓаните од која било точка на планетава да се обратат. Информациите се достапни и на веб страната на МНР и на веб страните на амбасадите.

Во видео обраќањето, Османи порача дека со веродостојни податоци се отвораат нови можности за државата, дијаспората и за Министерството за надворешни работи, а се обезбедуваат и политики за привлекување на граѓаните за враќање во државата.

И премиерот Зоран Заев вчера ја повика дијаспората да се вклучи во процесот на самопопишување за да може да се добие јасна слика за бројот на иселеници и да се креираат стратегии и политики за намалување на емиграциониот бран и за обезбедување на трајни врски на државата со дијаспората.

– Ги повикувам нашите иселеници, целата дијаспора, да одвојат 10 минути од своето време и преку едноставната апликација да се попишат и со тоа да придонесат за подобра иднина и поквалитетен живот во татковината од која потекнуваат и каде што се надеваме дека повторно ќе се вратат. Ги повикувам и сите жители кои живеат во државата да ги пренесат овие информации до своите роднини и фамилии во дијаспората, зашто секој е важен, секој попишан е богатство за нашата држава, напиша Заев на Фејсбук.