Османи ќе го прати законот за здруженија на проверка во Венецијанската комисија


Културно-информативните центри во Скопје и во Софија се начините за размена на културни и други информации меѓу двете страни. Сепак, граѓаните имаат право да се здружуваат, но во духот на пријателството. Законот за здруженијата што беше донесен во македонското Собрание има за цел да се спречи саботажата на заедниците од страна на други чинители, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи на заедничката прес-конференција со бугарскиот колега Николај Милков во Софија.

На новинарско прашање околу забелешките за законот Османи кажа дека тој ќе предложи Владата да го испрати Законот за здруженија во Венециската комисија за мислење. Но, Османи не одговори конкретно на прашањето дали ќе има официјален македонски клуб во Благоевград туку говореше дека треба институциите, односно министерствата за надворешни работи да ја водат соработката и билатералните односи.

Во врска со реакциите во земјава дека Бугарија ни го оспорува јазикот и националноста Османи одговори дека едно од најосновните чувства е дека некој го предизвикува вашиот јазик и посебност.

-Ќе се согласите дека доаѓаат такви пораки од различни чинители од Бугарија, вклучувајќи и територијални претензии на кои реагираме. Ако го тргнеме настрана таквото однесување и Македонците да почуваствуваат пријателство и топлина ќе се отвори целиот можен простор за соработка, рече Османи.

Во соопштението од МНР стои дека Османи и бугарскиот министер Николај Милков разговарале за севкупниот контекст на односи, како и за заедничките обврски кои произлегуваат од Договорот за добрососедство и соработка.

-Беа договорени конкретни механизми за  превенција на говорот на омраза во двете земји, при што  двајцата министри заемно се согласија дека не треба да се дозволи  бројните провокации од групи и поединци во двете земји да го нарушат процесот на зајакнување на добрососедските односи.

Сакам да верувам дека заедно со колегата Милков ќе сториме сѐ за да не дозволиме други да ни ја водат надворешната политика, други на ди ги кројат билатералните односи, туку ние двајца, заедно со дипломатите од нашите министерства, во духот на европските вредности ќе продолжиме да градиме европска иднина за сите наши граѓани. Не треба да заборавиме дека сме ние актуелни сојузници во НАТО, идни партнери во Европската Унија, но пред сѐ пријатели и добри соседи, и очекувам нашата соработка да се развива соодветно, истакна Османи.

Во рамките на средбата била донесена и одлука за одржувањето на претстојниот бизнис форум меѓу двете земји, во декември, на кој ќе разгледуваат начините за заедничко справување со најактуелните прашања какви што се енергетските предизвици, како и за соработката во земјоделието, во здравството, и за валоризирање на придобивките  од прекуграничната соработка.

„За динамиката на меѓусебната соработка зборува и растот на трговската размена која за првите осум месеци од оваа година изнесува над 710 милиони евра, што е зголемување од точно 52 отсто во однос на истиот период минатата година и ја става Бугарија на петто место на листата на држави со кои имаме најголема трговска размена“ нагласи Османи пред новинарите и додаде дека очекува со овој тренд до крајот на годината трговската размена да надмине една милијарда евра.

На средбата се направи пресек и на досегашните активности во однос на отворањето на Граничниот премин Клепало, како и на соработката на планот на културата, притоа јасно охрабрувајќи го интензивирањето на културната соработка која преку своите универзални вредности треба да дејствува во насока на зближување и градење пријателство меѓу двата народи, стои во соопштението.