Османи: Ќе ги почитуваме препораките на Венецијанската комисија, но законот нема да се менува


Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на денешна средба со новинарите нагласи дека ќе ги почитуваат препораките на Венецијанската комисија за имплементација на Законот за јазици, но прво требало да се најде начин како да се импементира законот.

– Можеби има различни интерпретации за начинот како ќе се имплементираат тие препораки. Венецијанската комисија вели не смее двојазичноста поради недостиг на капацитети да предизвикува одредени проблеми во судството. Затоа нашиот пристап ќе биде преку добри акциони планови да создаваме капацитети со цел двојазичноста полесно да се имплементира и да не предизвикува никакви проблеми во судството. Бидејќи, како што реков, колку што е важно правото за јазик, толку е важна и правната држава, рече тој.

Османи смета дека нема големи разлики во ставовите на владините коалициски партнери ДУИ и СДСМ за ова прашање, освен што треба да се најде начин истиот да се имплементира.

– Мислам дека слични се ставовите. Ако ја слушнавте последната изјава на премиерот Заев и на вицепремиерката Шекеринска, слични се со нашите ставови дека нема да има отворање на прашањето на јазикот, како што нема да има отворање на прашањето на Преспанскиот договор, на Договорот со Бугарија, и на јазикот ќе биде исто, кажа вицепремиерот.

Тој смета дека нема потреба од менување на Законот за јазиците, туку треба да се најдат начини за спроведување на мислењето на Венецијанската комисија.