Османи ја повика Бугарија да стават крај на меѓусебните обвинувања

Ако има разбирање во Република Бугарија и ако го прифатат нашиот повик, тоа ќе биде во интерес на двете држави. Доколку не, тогаш ќе се адаптираме на новиот развој на случувањата, порача Османи.


 

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи,  ја повика денес владата во Бугарија да прифати рака на помирување, односно заедно со властите во Македонија да стават крај на кругот на меѓусебни обвинувања  напуштајќи ја оваа пинг-понг дипломатија што е присутна сега. 

„Имавме долго соопштение од МНР вчера во коешто ги коментиравме сите аспекти од случувањата. Мислам дека сите си кажавме тоа што имавме да кажеме. Ние ги кажавме нашите ставови, Бугарија ги кажа своите ставови и време е да кажеме доста е на оваа пинг-понг дебата меѓу нашите општества и наше вовлекување во бугарската предизборна кампања. Навистина мислам дека треба да ставиме црта, затоа што ова нема да има крај и работите понатаму ќе ескалираа, а ние ќе бидеме вовлечени во вртлогот на нестабилното политичко општество во Бугарија, за што има интерес од политички фактори и други фактори кај нас.

Имаме многу предизвици овде, имаме скрининг којшто е во тек, имаме реформи што треба да ги спроведуваме и, затоа, да ги поштедиме граѓаните од овој немир. Да ја оставиме дипломатијата да си ја врши својата работа. Ја повикувам Бугарија да стави стоп на оваа каскада на меѓусебни обвинувања, да воспоставиме комуникација, да ја вратиме позитивната агенда и сите разлики ќе ги најдеме на маса меѓу дипломатите.

Сакам да испратам порака до Бугарија – ние сме подготвени да продолжиме таму каде што оставивме, да ја видиме позитивната агенда, да го вратиме психолошкиот мир меѓу нашите граѓани и да разговараме за иднината. Да ставиме црта на тој вициозен циклус на меѓусебни обвинувања. Сакам да ставам црта – ако има разбирање во Република Бугарија и ако го прифатат овој наш повик, тоа ќе биде во интерес на двете држави. Доколку не, тогаш ќе се адаптираме на новиот развој на случувањата“, порача Османи.