Османи  и Вутсас кај роднините на загинатото момче во нападот во Виена


Австрија и Северна Македонија изгубија чесен, работлив и лојален граѓанин, заклучија министерот за надворешни работи Бујар Османи и австрискиот амбасадор Георг Вутсас по денешната посета на роднините на Неџип Вренези, кој пред неполн месец настрада во терористичкиот напад во Виена.

Тероризмот, го оценија како опасна закана од која никој и никаде не е заштитен.

-Исто како и извршителите, и жртвите можат да бидат од каде било, со какво било потекло и на кое било место. Сите ние сме на некој начин жртва на оваа закана, сите сме потенцијална мета, и затоа мора заеднички да се спротивставиме и да се одбраниме од ова зло, истакна Османи.

Тој посочи дека е во постојан контакт со австрискиот амбасадор, уверувајќи дека двете земји имаат целосна доверба, блиска и ефикасна соработка на сите полиња, од безбедноста, информативна па се до политичка соработка.

-Нашите држави имаат блиска соработка во сите сфери: политичката, безбедносната, размена на информациите и друго. Работиме заедно не само во откривање на извршителите и иницијаторите, но и на создавање систем за спречување и појавување вакви случаи во иднина, изјави Османи

На новинарско прашање за австрискиот амбасадор Вутсас дека по нападите, македонските државјани се непожелни во Австрија, тој нагласи дека се работи за радикализирани индивидуалци и оти нема колективна вина за тоа.

-Немам информации дека тие се непожелни во Виена, туку напротив. Ќе го цитирам премиерот Курц, ние не го вперуваме прстот во одредена нација, кон мигрантите, кон припадници на одредена религија. Ова се индивидуалци кои се радикализирани. Точно овој пример дека терористот доаѓа од оваа земја, но исто така и жртва доаѓа од оваа земја, така што не можеме да обвиниме една група. Нема колективна вина, туку индивидуална. И ова е исто така европска вредност, дека има индивидуална одговорност, а не обвинување за една група. Тоа не е фер и би било неевропски, истакна австрискиот амбасадор.

Неџип Вренези е со потекло од струшкото село Велешта, а бил роден во Виена. Тој бил млад и образован човек, среќен и успешен граѓанин на Австрија, кој само што го завршил воениот рок и сакал да студира медицина. Вечерта кога беше убиен при терористички напад во Виена бил излезен да го прослави своето вработување.