Османи и прати честитка на Захариева
Министерот за надворешни работи Бујар Османи упати честитка до неговата бугарска колешка Екатерина Захариева по повод 3 Март – Националниот празник на Република Бугарија.
– Односите со Република Бугарија ги сметам за исклучително важни, додека заложбата за нивно натамошно зајакнување е од посебен интерес во насока на развивање на добрососедските односи. Република Северна Македонија останува цврсто посветена на имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка како важна алка во зајакнувањето на довербата меѓу нашите граѓани, наведува Османи во честитката до Захариева.
Тој нагласува дека „патот напред е преку усвојување и практикување на европските вредности, а сојузништвото во НАТО и очекуваната блиска соработка во рамките на ЕУ, дополнително ќе ги зацврсти билатералните релации.
– Поддршката од Република Бугарија за евроатлантската перспектива на Република Северна Македонија значи сигурна потпора за нашите највисоки стратешки приоритети и претставува потврда за пријателството меѓу нашите граѓани. Заедничкото претседателство со Берлинскиот процес оваа година, беше историски момент со огромна симболика, кој покажа дека регионот презема иницијатива и одговорност врз процесите кои ја определуваат неговата иднина. Тоа беше потврда дека земја-членка на ЕУ и земја-кандидат можат да работат заедно во интерес на земјите од регионот. Уверен сум дека само преку континуирана примена на досегашниот пристап заеднички ќе успееме да ги надминеме сите предизвици и ќе обезбедиме сестран прогрес за нашите граѓани. Со тоа убедување, упатувајќи уште еднаш честитки до Вас и до граѓаните на вашата земја, примете ги, почитувана колешке, изразите на моето највисоко почитување, пишува шефот на дипломатијата Бујар Османи во честитката до бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.erver.mk