Османи и Иванов „ќе се дружат“ на Дипломатскиот форум во Анталија
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, во наредните два дена ќе учествува на вториот Анталија Дипломатски Форум насловен како “Recoding Diplomacy”, кој се одржува под покровителство на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Во рамките на Форумот, Османи ќе има обраќање на панелот “Дијалог на помирување на Балканот”, на кој се очекува да се дискутира за безбедносниот аспект и односите меѓу земјите од Западен Балкан, за начинот на справување и изнаоѓање решенија за отворените билатерални прашања, како и за можните последици доколку Европската Унија не ги оправда очекувањата на регионот во однос на нивната европска перспектива.
На Анталија Дипломатскиот Форум, Османи е предвидено да оствари бројни билатерални средби, меѓу кои со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, повеќе колеги, министри за надворешни работи, од кои на Австрија, Александер Шаленбер; Луксемург, Жан Аселборн; Словачка, Иван Корчок; Финска, Пека Хависто; со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмит и други.
На Форумот ќе учествува и поранешниот претседател Ѓорге Иванов, на покана од министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу. Иванов ќе се обрати на панелот „Ревитализација на мултилатерализмот: ОН и подалеку“.
Овогодинешниот настан ќе се осврне на светските случувања во меѓународните односи, во духот на регионалните и глобалните прашања, особено со фокус на руската агресија врз Украина. На форумот се очекува да учествуваат истакнати гости, како политички лидери, министри, високи функционери, водечки академци, меѓународни организации, креатори на јавното мислење и бизнис претставници.