Османи и Генчовска разговараа за седницата на двете влади на 25 јануари


Теодора Генчовска и Бујар Османи на нивната тет-а-тет средба

Надвор од средбата на двајцата премиери, министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, има посебен состанок на кој фокусот беше претстојната заедничка седница на владите, која ќе се одржи во Софија на 25 јануари. Покрај тоа, двајцата министри разговарале и за новата динамика во соработката преку примена на концептот на работни групи, при што се разгледани конкретни области во кои постои потенцијал за напредок. Со тоа двете земји ќе испратат јасен сигнал дека постои силна волја за исчекор и взаемно разбирање, во духот на добрососедството и европските вредности.

„Посетата се случува на 30-годишнината од првото признавање на независноста на нашата држава, кое дојде токму од Република Бугарија, но ова е и прва посета на премиерот Петков на регионот на Западен Балкан воопшто, што испраќа многу важна и вредна порака за нашите односи, но не помалку важно и за нашиот динамичен и верувам поинаков пристап во надминување на предизвиците со кои се соочуваме“, изјави министерот Османи по средбата, додавајќи дека е „важно да се идентификуваат конкретни чекори за соработка, преку иницијативи, активности и проекти во многу скоро време, за што двете министерства за надворешни работи и другите ресори ќе дадат свој конкретен придонес. 

Двајцата министри ја изразија посветеноста кон процесот на приближување на регионот кон Европската унија и ја акцентираа важноста на добрососедството и регионалната соработка, како влог во заедничката европска иднина. Тие, исто така, го поздравија растот на трговската размена меѓу двете земји од 30 отсто во текот на 2021 година.