Османи и Димитров во посета на Италија и Белгија

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска ќе престојуваат во Италија, а утре ќе бидат во работна посета на Белгија.

Во Италија тие денеска ќе имаат средба со италијанскиот министер за надворешни работи Ензо Моаверо Миланеси, како и со  Лучијано Ди Алфонсо, претседател на Комитетот за односи со земјите од Западен Балкан во италијанскиот Сенат.

Како што соопшти владината прес-служба, централна тема на средбите ќе биде интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската Унија, како и поддршката од Италија за земјава по објавувањето на Извештајот за напредок, а во пресрет на одржувањето на Европскиот совет во  јуни.

Во разговорите се очекува да бидат опфатени и прашања поврзани со европската перспектива на останатите земји од Западниот Балкан и регионалната динамика.

Вицепремиерот Османи и министерот Димитров од Италија ќе продолжат во работна посета на Белгија, каде што за утре е најавена средба со Дидие Рејндерс, заменик-премиер и министер за надворешни и европски прашања на Кралството Белгија.