Османи и Димитров не се појавија на еднопартиската „журка“ на Милошоски


Шефот на дипломатијата Бујар Османи и вицепремиерот Никола Димитров не се појавија на денешната собраниска седница на Комисијата за надворешна политика што самиот ја закажа, како нејзин претседавач, Антонијо Милошоски. На неа тие беа повикани да ги објаснат преговорите со Бугарија.

Поради немање кворум, Комисијата за надворешна политика не расправаше по единствената точка на дневен ред „Утврдување на национален став во врска со позициите на официјална Софија по однос на македонските ЕУ-интеграции, засновани на Објаснувачкиот Меморандум усвоен од страна на Република Бугарија“.Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ информираше дека до почетокот на седницата не добил известување за спреченост од членовите на комисијата од владејачкото мнозинство и нивните коалициски партнери.

– Сметам дека ваквото саботирање и избегнување за доаѓање на седницата на комисијата, само покажува дека тие не се заинтересирани да има заеднички национален став по однос на македонските интереси во спорот, кој што е наметнат од страна на соседна Бугарија, преку објаснувачкиот меморандум, изјави Милошоски.

Тој посочи дека на денешната седница сакал да предложи гласање по предлог заклучок – за усвојување на резолуција што ќе го осуди објаснувачкиот моморандум од соседна Бугарија, како историски анахронизам, спротивен на европските вредности и самобитноста на македонскиот народ како дел од европската културна заедница и основна вредност за европска интеграција.

Иванка Додевска од ВМРО-ДПМНЕ вели дека е срамно што никој од власта не се појави.

-Мораме да имаме црвени линии во преговорите со соседите. Мила ми е ЕУ, но помила ми е Македонија, порача Додевска.

Опозицијата подолг период бара расправа за спорот со Бугарија, но наидува на одбивање од власта и од премиерот Зоран Заев кој порача дека ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски не можат да помогнат и само се обидуваат да одмогнат.

Комисијата има 12 членови и тоа Лолита Ристова и Сашко Николов од СДСМ, Моника Зајкова од ЛДП, Кастриот Реџепи од Беса, Соња Мираковска од НСДП, Ане Лашкоска, Тимчо Муцунски, Иванка Василевска и Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ, Арбер Адеми и Арта Билали-Зендели од ДУИ и Сафије Садики-Шаини од Алтернатива.