Османи и Димитров ќе брифираат во надлежната Комисија на Бундестагот за напредокот кон ЕУ


Ниедна земја не може да ни диктира кој е нашиот јазик и идентитет, рече Никола Димитров во Стразбур

Вицепремиерот задолжен за европски прашања и шефот на дипломатијата Никола Димитров денеска ќе ги брифираат членовите на Комисијата за европски прашања во Бундестагот за напредокот на земјата на патот кон  Европската унија.

Димитров од вчера, а Османи од денеска престојуваат во работна посета на Германија. За денеска е предвидена средба на Османи и Димитров со германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, новата лидерка на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер и со пратеникот во Бундестагот Јохан Вадепул.

Напредокот на земјата во европските интеграции, поддршката во таа насока од страна на Германија во пресрет на извештајот на Европската комисија, како и јунските самити во ЕУ ќе бидат разгледани на денешните средби.

За постигнатиот успех во односите со соседите, пред се преку договорите со Грција и Бугарија, но и за реформските резултати и очекувањата на земјата во насока на донесување одлука за почеток на пристапните преговори во јуни оваа година брифираше шефот на дипломатијата Димитров вчера на средбата со пратеничката група за надворешна политика на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот.

Димитров вчера се сретна и со лидерот на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ, Ралф Бринкхаус, со кој разговараа за актуелностите во процесот на нашата европска интеграција и поддршката и позициите на ЦДИ/ЦСУ во тој контекст, како и за други теми од регионален карактер.