Османи: Хистерија се обвинувањата дека спорот со Бугарија го решаваме зад грбот на јавноста

Кога работни верзии ќе станат прифатливи за двете страни ние ќе ги доставиме на оваа Комисија, рече Османи при реферирањето пред пратениците


Од седницата на Комисијата за надворешна политика (Фото: Б Грданоски)

 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи ги нарече хистерија обвинувањата дека за важно прашање како што се преговорите со Бугарија се можни ад хок решенија и оти некој може сам, преку ноќ, зад завесите, без знаење на граѓаните да донесе каква било одлука или договор на штета на нашите државни позиции. 

„Нашиот тим целосно се води од нашата државна позиција, секое прашање што се разгледува поминува  низ неколку филтри, почнувајќи од МНР, кај истите луѓе со кои работеше претходно Антонијо Милошоски, а потоа во Владата, во Собранието, кај претседателот на државата и пред граѓаните. Најчувствителните прашања не се ни предмет на преговори, туку на разговори во Историската комисија во која што седат експерти, во чија работа ние не се мешаме“, изјави Османи на обраќањето во Комисијата за надворешна политика во Собранието, која се одржува на барање на ВМРО-ДПМНЕ. 

Притоа Османи нагласи дека „никој“ во моментов не преговара за јазикот, нема ни право да го прави тоа, ниту ќе преговара . 

„Кога сме кај чувствителните прашања, сакам јасно и гласно да повторам – никој не преговара за идентитетот! Јазикот и другите идентитетски атрибути се прашања кои произлегуваат од правото на самоопределување на секој човек, на секој народ, на секоја етничка заедница, на секоја држава и тоа е неприкосновено право посилно од било кое друго право. За овие прашање ниту сме преговарале, ниту имаме право да преговараме, ниту некој некогаш ќе преговара. Имаше обиди во Бугарија тоа да се наметне во преговорите, но со мудар и со рационален пристап покажавме дека тие барања се ретроградни“, додаде Османи.

Според него, веќе не се разговара за идентитет, туку единствено за пристапот при утврдувањето на правото на самоопределување на секој – во согласност со постоечкото државно уредување кај двете држави, а тоа води до сетот политички прашања кој до неодамна беше именуван како пакет 5+1.

 

Наша клучна позиција, рече Османи, е во преговарачката рамка македонскиот јазик да биде споменат без додатни толкувања од Бугарија, додавајќи дека во пакетот 5+1, во кој според него се разговара за седум прашања, нема ништо спектакуларно и надвор од она што веќе го знае јавноста, како говор на омраза, рехабилитација на жртвите од комунизмот… Тој нагласи потоа дека преговорите сѐ уште се во фаза на предлози и нон пејпери, и затоа не може да ги престави во јавноста. 

„Кога тие работни верзии ќе станат прифатливи за двете страни ние ќе ги доставиме на оваа Комисија“, рече Османи, повикувајќи ја опозицијата да не дозволи ова прашање да стане тема за дневно-политички натпревар.

Тој нагласи дека никогаш не одбил покана да реферира пред пратениците, без оглед каков бил односот на Комисијата кон него, бидејќи тоа го сфаќа како однос кон граѓаните. Наедно, тој побара да не се потценува одлуката на Советот на ЕУ за започнување на преговори со Макеодија, бидејќи е најзначајна пресвртница во евроинтеграцијата, која сега влегува во 21 година. 

„Успеавме да добиеме поддршка околу спорот и од држави што беа евроскептични, успеавме и двата предлози на претседателствата на ЕУ да се прифатливи за нас и не дозволивме различните етнички заедници да имаат различен став за ова прашање“, посочи Османи, заклучувајќи дека се спречиле сите обиди од надвор да се стави „клинец во нашето единство околу спорот“. Но, како што рече, за жал, такви обиди доаѓаат од внатре.

Османи изрази и очекување дека во следните шест месеци ќе испратиме нова слика за односот и соработката меѓу двете земји, што ќе биде препознаена најпрво кај граѓаните на двете држави, но и кај нашите меѓународни пријатели, кои очекуваат од нас храбри одлуки кои доликуваат на две зрели држави.

„Сметам дека добро правиме. Работиме внимателно, трпеливо, но притоа со силен интензитет, без да дозволиме дијалогот да биде ставен на страна, а нашите недоразбирања да станат таканаречен замрзнат конфликт кој ќе трае со децении. Оттука и мојот апел до самиот почеток на ова обраќање. Немам дилема дека имаме разлики во начинот или пристапот со кој се справуваме со овој предизвик, но во исто време, немам дилема дека имаме и заеднички позиции изградени токму во ова Собрание преку декларација која е усвоена со консензус“, истакна Османи во излагањето пред членовите на Комисијата за надворешна политика во Собранието.

Претседателот на Комисијата, Антонијо Милошоски, откако му призна на Османи дека за разлика од Никола Димитров, одговара на нивните барања да реферира, го запраша министерот како тие како пратеници да имаат доверба во преговорите на Владата, ако таа не ѝ го доставува ни нон-пејперот од декември, за кој сега тој вели дека е само работна верзија.

„Велите дека за македонскиот јазик и идентитет не се преговара туку се разговара, а меѓу нив линијата е тенка… Зошто Бугарија тогаш не го потпишува договорот со ФРОНТЕКС? Јазикот сѐ уште се проблематизира, а Владата шири информации дека никој не го спори македонскиот јазик“, рече Милошоски.

И во стилот на Екатерина Захариева утрово, Милошоски посочи дека ова е трет меморандум потпишан со Бугарија со Коридорот 8 , дека последната меѓувладина конференција со Бугарија не е прва туку трета и од сите нив произлегле договори, меморандуми и заклучоци, а не се изградени ни коридорот, ни граничниот премин „Клепало“, за кој, според него, работите биле завршени од бугарската страна и се чека само на нас. Во истото време во бугарското собрание премиерот Кирил Петков изјави дека Бугарија не ја завршила својата обврска за „Клепало“ и џдека не може да верува оти 13 километри бугарската држава не ги гради со години. Петков најави дека тие 13 километри од бугарска страна ќе бидат изградени оваа година.