Османи го опомена Мицкоски да не го внесува нон-пејперот во внатрешните пресметки


Министерот за надворешни работи, Бујар Османи го повика денес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да не ги внесува шпекулациите околу нон-пејперот во внатрешно-политичката дебата во земјата, бидејќи може сериозно да ги наруши односите со Словенија, која е наша пријателска земја. Османи рече дека разговарач со словенскиот шеф на дипломатијата Логар и дека тој го уверил дека премиерот Јанез Јанша не стои зад тој документ и дека нема промена во политиката и стратегијата на Словенија кон Македонија и кон регионот. 

-Треба да бидеме внимателни кога поврзуваме одредени индиции со одредени држави, пред се кога немаме факти и докази за тоа, бидејќи премиерот Јанез Јанша ги отфрли шпекулациите за нон пејперот. Словенија е наш голем пријател и поддржувач, и јас сум уверен дека нема никаква промена во стратегијата на Словенија кон нашата земја и кон регионот, а последните донации се потврда за тоа. Во однос на содржината на нон пејперот, сметам дека како што ќе се интензивира дебатата за разни прашања во регионот, ќе се појават разни шпекулации – дел со добра, а дел со лоша намера. Регионот е сложен Мој став е дека два модели се покажаа како најуспешни, а тоа се  Охридскиот  рамковен  договор  и евроатлантската перспектива. Ова е исклучителен квантен скок во процесите за помирување на регионот и затоа е важно да продолжи проширувањето на НАТО и јасната перспектива за интеграцијата во ЕУ. Само тоа ќе ги неутрализира сите региони и ниту една иницијатива нема да успева да го поремети мирот,  Османи за нон пејперот. 

Тема на прес конференцијата беше сепак испраќањето економски промотори на Македонија во странство, откако еднаш беа прогласени за непродуктивни и повлечени во земјата, како изум на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Османи рече дека не го дели ставот дека промоторите тогаш биле неуспешни, но дека имало слабости во нивниот концепт кои сега ќе се корегираат. Тој најави дека паралелно со процесот на селекција на најдобрите кандидати ќе подготват и обука за нив преку координација на МНР и Универзитетот „Кирил и Методиј“, како и со стопанските асоцијации и субјекти со цел да бидат подготвени да привлечат странски инвестиции и да освојат нови пазари.

Илија Псалтиров во Варшава, Абдилџемил Саити во Минхен, Сузана Тунева во Анкара и Бекри Ајдини во Абу Даби, се првите четири економски советници, кои ќе бидат упатени во амбасадите во овие четири дестинации за да ги имплементираат економските политики, кои се подготвуваат за секоја земја и регион посебно.

Амбасадорот Илија Псалтиров, доктор по економски од Варшава, освен Полска, во рамките на економските активности ќе ги покрива и останатите земји од групата Вишеград – Чешка, Словачка и Унгарија.

Абдилџемил Саити, германистика, ќе замине во Конзулатот во Минхен, од каде ќе ги покриваат економските активности за Германија и Австрија, две земји кои се најголемите економски партнери на земјава.

Сузана Тунева, магистер по меѓународни економски односи ќе биде испратена во амбасадата во Анкара. Економскиот советник, Бекри Ајдини, магистер по меѓународна економија, кој, како што посочи Османи уште од самиот почеток е вклучен и задолжен за портфолиото Дубаи Експо, има специфични познавања на економските односи со Обединетите Арапски Емирати и воопшто регионот на заливот и соодветно на тоа ќе биде упатен во амбасадата во Абу Даби.

-Од понеделник ќе почне обуката, а упатувањето ќе зависи од последниот ден на нејзиното завршување, рече Османи. 

Според него, МНР има над 200 дипломати во странство, а  овие економски советници ќе бидат дел од таа мрежа.Трошоците за нив ќе бидат во рамките на вкупните трошоци на МНР за дипломатската мрежа низ светот, при што Османи најави дека наскоро ќе даде и  точни бројки за надоместоците, станарините и слично. Мандатот на дипломатите ќе биде три години, но проценката ќе се прави секоја година, што значи дека мандатот ќе биде едногодишен за да се евалуира успехот на промоторите. 

На забелешката зошто се праќаат промоторите откако еднаш беа прогласени за непотребни, Османи рече: 

-Концептот економски промотори не беше погрешен. Ако направите анализа на структурата на извозот на Македонија ќе видете суштинска промена пред и по нивното воведување, при што јас мислам дека дел од тој успех беше што имавме промотори. Имаше слабости на тој систем што сега се обидуваме да ги корегираме. Резултатите се тука, денес имаме 4 милијарди годишна трговска размена со Германија од која две третини е наш извоз во Германија. Мислам дека со нашиот концепт, во кој   економските советници стануваат дел од дипломатската мрежа и со координацијата што ќе се воспостави со амбасадите ги преземаме предностите на тој систем и ги корегираме слабостите, рече Османи. Тој додаде дека промоторите ќе фукционираат посебно , но ќе одговараат директно на МНР и физички ќе бидат сместени во амбасадите.(С.Ј.)