Османи го нарече провокација настанот во Битола

Можам и јас да јавам на бранот на јавноста, како оние што се хранат со крв, но јас не сакам на ваков начин да добивам политички поени, рече Османи


 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи порача денес дека името на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола е јасна провокација и дека тоа било причината што тој и сите други од државниот врв избегнале да присуствуваат на настанот организиран од бугарска страна. Според Османи, за него не бил спорен настанот, за да го забрануваат неговото одржување, уште повеќе што на таков начин би се дало алиби на главниот наратив на тие што сакаат да го нарушат преговарачкиот процес – дека се загрозени човековите права на Бугарите во Македонија и дека таа води антибугарска политика.

Според негова оценка, не сите што биле во Битола дошле со таква намера, туку дел од нив биле дел од делегацијата за да спречат настанот да ги наруши преговорите меѓу двете држави. 

„Првично потпретседателката на Бугарија Јотова побара да биде присутна на отворањето на бугарскиот клуб, а ние имавме информации дека покрај неа ќе бидат пристуни и Каракачанов и Захариева. Една од претпоставките беше дека посетата токму на центар кој што носи контроверзно име е да се обезбеди алиби за главниот наратив на Бугарија во последните месеци, дека спорот всушност е спор на човекови права, дека бугарската заедница тука не ги ужива и дека Македонија не ги исполнува Копенхашките критериуми. За нас беше многу важно да не дозволиме да потпаднеме под замка. Мојата улога како министер е да го зачувам имиџот на државата пред светот, а тоа е дека ова е демократска држава во која што сите граѓани ги уживаат сите права и дека нема да дозволиме алиби на наративот дека овде се газат човекови права на било која етничка заедница, вклучувајќи ја и бугарската“, рече Османи.

Од тие причини, нагласи Османи, не присуствувавме на настанот – не заради тоа што се отвора бугарски клуб, туку заради тоа што е спорно името на клубот кој што тука се смета како провокација.

„Доколку не беше клубот именуван како што е именуван, ние дури ќе бевме и дел од настанот заедно со бугарската делегација“, порача Османи. Тој одби притоа да размислува дека за овој настан треба да даде оставка, како што бараат некои во јавноста. Генерално, сепак се согласи дека ваквото отворање на клубот стави дамка на односите и на преговорите меѓу двете земји, практично наштетувајќи им во моментов. 

„Спуштен е еден облак на односите меѓу двете земји што се обидувавме да го расчистиме во последните неколку месеци, но не можам да дозволам ова да го руши процесот на интеграции“, рече Османи.

Според негова оценка, премиерот Кирил Петков се приклучил подоцна за да спречи овој  настан целосно да ги киднапира односите меѓу Македонија и Бугарија. 

„Не е моја задача да се грижам за имиџот на Бугарија. Тие ќе треба да ѝ објаснат на еврејската заедница зошто им се важни некои ликови, како Ванчо Михајлов. Моја задача е да се грижам за демократскиот имиџ на Македонија“, рече Османи. 

Запрашан директно дали ваквото славење на Ванчо Михајлов може да биде акт на добрососедство, тој рече дека бугарската заедница во Македонија има право да ги манифестира своите културни атрибути, но не треба да го прави тоа на начин што ќе ги провоцира другите граѓани, нагласувајќи дека името на клубот е „несреќен избор“. Тој сепак нагласи дека, и утре да се организира таков настан, повторно ќе ја донесе истата одлука и дека МНР направило тоа што треба, водејќи се од стратешката потреба, а не од емоција. 

„Можам и јас да јавам на бранот  на јавноста, како оние што се хранат со крв, но јас не сакам на ваков начин да добивам политички поени. Ние сме избрани да водиме, а не да следиме“, рече Османи, правдајќи ја својата одлука да дозволи влез на ваква бугарска делегација.

Околу забелешката дека во Договорот за добрососедство што е потпишан со Бугарија јасно стои дека ниту една страна не смее да презема дејствија со кои се провоцира другата, Османи потврди дека таа одредба не е испочитувана, дека е ставена дамка на преговорите, но не може да реши да ги прекине.

„Фактот дека не бевме таму е наша реакција дека тоа за нас е неприфатливо. Дадовме јасна порака со тоа што не бевме дел од настанот“, рече Османи, посочувајќи дека им укажувал на бугарските соговорници и пред тој да се случи  колку е спорно тоа што го подготвуваат и дека нема да биде сфатено како добронамерно. 

„Ние излеговме победници од оваа епизода. Се виде дека не секоја историја може да се прикаже како заедничка. Сега тие сами се изложија, а европските партнери сфатија што се случува. Ние го направивме тоа што ѝ доликува на една демократска држава и мора да продолжиме со преговорите зашто немаме алтернатива. Не можеме да изгубиме уште десет години, бидејќи пак ќе ни се врати пак ова прашање“, порача Османи нагласувајќи дека на ваквата бугарска политика сега е заложник целиот регион, а утре ќе бидеме само ние, и притисокот нема да биде ист.

„Ќе згрешиме доколку дозволиме да не совладаат емоциите. Ова е тежок процес и никој не сака да биде дел од него. Ништо не добиваме од него, само губиме, но некој мора да го прави“, се пожали Османи, додавајќи дека ова не е ништо ново и дека Бугарија нѐ провоцира веќе 30 години. Тоа, оцени тој, се истите луѓе што правеа инцидент и на Мечкин  Камен и што учествуваа во други провокации. 

На прашањето дали требало да се спречи отворањето на бугарскиот клуб, тој нагласи дека клубот е на наши граѓани, Бугари, и дека не е во негова надлежност да испитува како успеал да се регистрира под такво име и дали треба да се смени законот за регистрација на здруженија. Но, беше против тоа да се прави сега и со емоции. На барањата пак Македонија да отвори културен клуб во Бугарија тој посочи дека веќе имаме таков во Софија, а ваков каков што е клубот „Ванчо Михајлов“ треба да отворат Македонците таму, а не државата.

Тој ја негираше и изјавата на некои бугарски политичари дека Софија нема да даде согласност да се крене ветото во ЕУ ако пред почетокот на преговорите Бугарите не влезат во Уставот, нагласувајќи дека, и да сакаат, ние не можеме да го направиме тоа во тој рок.