Османи го брани Борел, немал мандат за проширувањето
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, застана во одбрана на високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жосеп Борел, кој вчера изјави дека не може да ни вети никаков датум за проговори, но може да ни вети добра волја.
Според Османи, портфолиото на Борел не го опфаќа проширувањето, па тој не може да каже како ќе гласаат 27-те земји членки на ЕУ околу преговорите со Македонија. Но, турнејата низ регионот ја почнал токму од Македонија за да го подигне вниманието во европската јавност околу фактот дека проширувањето не е веќе само прашање на кредибилитет на ЕУ, туку станува безбедносно прашање. Борел, додаде тој, сепак се слушнал од Скопје со бугарскиот премиер Кирил петков за да помогне да се забрза решението за спорот.
„Борел не е во позиција да ветува датум бидејќи одлуката ја носат земјите членки со консензус. Не може тој да каже како ќе гласаат тие , но видов кај него вонредна желба спорот да се реши што побргу“, рече Османи.
Тој најави дека на 23 и 24 март ќе дојде во посета бугарската шефица на дипломатијата Теодора Генчовска и дека разговорите на спорот се одвиваат на повеќе нивоа, но разлики во ставовите на двете страни се уште има. Османи не беше сигурен дали состојбата со Украина и помага или и одмага на Македонија, со оглед на тоа дека јуни никој веќе не го споменува како можен датум за одлука дали да почнат преговорите со Унијата, а реториката што ја употребува рускиот претседател Владимир Путин за оваа земја и која е осудена од целата ЕУ, е иста со таа на Софија кон Македонија, но од нас се бара да го решиме спорот.
„Не сме во фаза да ги убедуваме земјите членки на ЕУ да бидат на наша страна. Нема дилема за нивната поддршка на Македонија, во ниту една од нив, освен во Бугарија. Дали помага контекстот, ќе видиме“, рече Османи, додавајќи дека се обидува да не ја користи состојбата во Украина за остварување на нашите интереси во моментов. Сепак тој оцени дека настаните таму покажале дека времето за калкулирање околу проширувањето е потрошено.
Прашан дали имаме спротивставени ставови во однос на позициите во Скопје меѓу МНР и експертите и меѓу МНР и Владата, Османи категорично го демантираше тоа. Коментирајќи текст објавен вчера, тој додаде дека е некоректно текстот да се прикаже поинаку, бидејќи вели, во него се зборуваше за разликите во Бугарија, помеѓу бугарското МНР и нивната Влада, а не кај нас.
– Значи немаше таква инсинуација дека има разлика кај нас, туку заради некој записник од Брисел се констатираше дека има разлики меѓу нивното МНР и другите чинители во коишто јас нема да се мешам, бидејќи тоа се внатрешни односи таму, ние разговараме со бугарската Влада. Ние немаме апсолутно никакви разлики, ниту експертите во МНР, ниту јас како политичко раководство на МНР, ниту премиерот. Сите сме во постојана координација, вчера имавме една долга средба за координирање, денеска попладне ќе имам повторно средба за координирање. Значи ние сме апсолутно унисони и во ставовите, во позициите без никакви разлики во овој процес, што навистина ми е задоволство, бидејќи во таква атмосфера се работи многу полесно, дециден Османи.
Тој вели дека нема впечаток оти има различни ставови во Бугарија, разговаравме за таа динамика која е предвидена до јуни, согласно работните групи, согласно политичкиот процес, во која форма би можело да се надмине, кога и како.
– Тоа се главните три прашања – како, кога и на кој начин. Се уште сме во различни позиции по однос на трите прашања, но фактот што се сретнуваме толку често е предуслов да може да се успее. Ние сме унисони и функционираме во рамки на нашата Резолуција на нашиот Парламентот. Се разбира и во Република Бугарија ги имаат своите ставови, но гледам волја во двете страни да се најде решение кое ќе биде прифатливо за двете страни. Веројатно ќе има понатаму и средба на највисоко политичко ниво. Битно е континуирано да разговараме отворено. Тоа што го имаме сега е дека разговараме отворено, секој претставувајќи ги своите позиции. Не можам да навлезам во детали во оваа фаза, посочува шефот на дипломатијата.
Околу дилемата во кое својство поранешниот премиер Зоран Заев зборувал во Анталија со бугарскиот премиер Кирил Петков, Османи рече дека зборувал во истото својство како и поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, односно во лично и дека е вообичаено на вакви форуми да се канат поранешни функционери и секој да се среќава со секого. За својата средба со Петков во Анталија тој рече дека резултирала со констатацијата дека треба да се донесат решпителни одлуки бидејќи проширувањето на ЕУ кон нашиот регион добива безбедносна димензија сега. (Н.Р.)