Османи ги осуди дипломатите што се вклучија во политичкото сценарио


Фото: Б. Грданоски

Министерството за надворешни работи ги осудува насилните и несоодветни постапки на дел од учесниците во синоќешните протести.

-Почитувајќи го правото на сите граѓани самостојно и слободно да го изразат своето негодување или револт преку протест, сметаме дека нема оправдување за ширење говор на омраза, извикување на навредувачки пароли и поттикнувањето тензии, како и прибегнување кон насилство и насилничко однесување врз објектот на Министерството.

Во истиот контекст, сакаме да посочиме дека е крајно несоодветно учеството на поединци вработени во Министерството за надворешни работи, на истите протести на кои се каменува куќата на дипломатијата, држејќи притоа дневно – политички говор, што преставува и директно прекршување на етичкиот кодекс, но и целосно омаловажување на дипломатската професија. За овие бројни прекршувања, согласно внатрешните процедури, Министерството ќе преземе соодветни мерки за заштита на вработените во куќата и дипломатската професија.

Би сакале да нагласиме дека претставници на синдикатите се секогаш вклучени при одлучување за правата и обврските на вработените во МНР и како и досега, сите конструктивни забелешки се добредојдени и се земаат предвид, порачаа од МНР. 

Таканаречениот Македонски дипломатски синдикат вчера директно се вклучи во сценариото за уривање на Владата и побара оставка од министерот Бујар Османи, иако би требало да работат по негови задачи. Тие се пожалија дека не биле информирани откако францускиот предлог го прочита целата јавност во Македонија.

Јавна тајна е дека овој синдикат е продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ, а пред се на Антонио Милошоски и структурите на Ѓорѓе Иванов во МНР и работи според нивните инструкции бавејќи се со политика место со дипломатија. Меѓу нив е и екс амбасадорот на Македонија во НАТО, Зоран Дабиќ, кој во Алијансата беше оценет како најлош амбасадор што го имале во историјата, поради анти-НАТО и политиканските настапи инспирирани од екс претседателот.

Иако одамна се инсистира во јавноста јавната администрација да биде строго деполитизирана и департизирана, тој канцер се повеќе се шири низ неа и ова е последна потврда – дипломати да работат против тој за којшто треба да работат и против државната политика.