Османи: Европерспективите основно гориво за европските интеграции


Заменик-претседателот на Владата задолжен за Европски прашања Бујар Османи и УНДП, претставуван од Постојаната претставничка на УНДП во земјава, Наринe Сахакиjан, во просториите на Секретаријатот за европски прашаа, потпиша Договор за проектна соработка.

„УНДП е долгорочен партнер и поддржувач на политиките на Република Северна Македонија, и овој проект е само продолжение на соработката за создавање на подобра средина за поврзување на националната економија со економиите на земјите-членки на ЕУ”, изјави Османи по потпишување на договорот.

Рече дека новата студија што ќе произлезе од проектот ќе содржи можни сценарија за динамиката на пристапувањето кон ЕУ и влијанието врз квалитетот на живеење на граѓаните, преку користење на искуствата на земјите кои од неодамна станаа членки на ЕУ, како и преглед на можното зголемување на трошоците за јавната администрација и бизнис заедницата поради неопходните прилагодувања кон стандардите на ЕУ.

„УНДП е посветен да продолжи да ја поддржува земјата кон патот на ЕУ интеграциите. Имаме долгорочно искуство во советување на оваа тема низ целиот регион, како и посредничка улога во размена на експертиза и искуства со новите земји-членки. Со ова, дополнително го зајакнуваме нашето стратешко партнерство со Владата и заедно ќе продолжиме да работиме на унапредување и на ЕУ интеграциите и на агендата 2030 – со цел никој да не биде изоставен” , изјави Постојаната претставничка на УНДП Нарине Сахакијан.
Новиот проект „Европскиот пат на Република Северна Македонија – Постигнување на побрз, поинклузивен и одржлив раст” е финансиран од УНДП со времетраење од 7 месеци. Во овој период ќе се одржат серија консултации и анализи во соработка со државните институции, бизнис заедницата и граѓанското општество.
Како резултат од процесот на консултации ќе произлезе студија, која што ќе биде развиена со поддршка на национални и меѓународни експерти, со цел да им помогне на донесувачите на одлуки и на општеството да создадат силна аналитична база за подобро разбирање на ефектите од процесот на пристапување кон ЕУ и постигнување на забрзан, инклузивен и одржлив развој.