Османи: Бугарија испратила изјава за јазикот уште во 2018 година, но никој не кажал


Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, откри денес на прес конференцијата со португалскиот шеф на дипломатијата Гомес Кравињо дека  Бугарија уште во 2018 година испратила унилатерална изјава за македонскиот јазик во ОН, но јавноста воопшто не била известена за тоа. Според Османи таа немала никакво правно значење и не влијае на статусот на јазикот, дотолку повеќе што Бугарија сега ја изгласа нашата Преговарачка рамка во која стои „македонски“ јазик.

„Унилатерална нота за македонскиот јазик со иста содржина Бугарија има испратено во 2018 година во Обединетите нации, веднаш штом се потпиша Преспанскиот договор и веднаш штом се впиша македонскиот јазик во картата на светските јазици, но за тоа не била известена јавноста кај нас. Сега се прави тоа и во ЕУ,  но нема никакво правно значење бидејќи Софија гласаше за Преговарачката рамка во која нашиот јазик е чист“, изјави Османи. 

Тој додаде дека нашата унилатерална изјава како дел од францускиот предлог се состоела од само две реченици, но во приложената сега се успеало да се даде опис на сите важни документи поврзани со јазикот. 

Околу критиките дека текстот во изјавата бил јазично неписмен т.е. нелекториран, Османи рече дека тоа што го видела јавноста бил само превод на изјавата која, пак, била приложена во ЕУ во оригинал на англиски јазик. Тој исто така извести дека во нејзиното пишување биле консултирани лугле кои се занимаваа  со оваа проблематика. 

Околу прашањето зошто Македонија не бара од Бугарија да се воздржи околу поддршката на клубот Ванчо Михајлов чие име покренува негативни чувства во државата и се смета за говор на омраза Османи рече дека токму тоа би било погрешен пристап .

– Различните историски интерпретации не смееме да ги ставиме под говор на омраза. Нашето законодавство јасно кажува што влегува под говор на омраза, односно омаловажување поради карактеристики на човек или припадност во група. Ако го прошириме тоа на историските интерпретации, тогаш мислам дека отвораме поле за такви ризици за кои зборуваме, дека говорот на омраза ќе се интерпретира во делот на работата на Историската комисија, изјави  Османи.

-Говорот на омраза не е поврзан со работата на Историската комисија, туку како владите да отворат можност за подобри односи помеѓу граѓаните, помеѓу бизнисите помеѓу двете држави. Очигледно дека сме влезени во еден негативен тренд на односи во коишто бираме кој повеќе тешки зборови за другиот, навредувајќи ги граѓаните па и државите од едната и од другата страна. Мора да ставиме стоп на таквиот тренд доколку сакаме да бидеме пријатели и да бидеме сојузници во ЕУ. Немаме никаков интерес да бидеме во негативен тренд на односи и говор со Република Бугарија, дополни Османи.

Според него, овој протокол, овој договор е потпишан под добра волја и затоа од таков аспект треба да се гледаат и одредбите во делот на следење на говорот на омраза. „Во Република Бугарија исто така да се следи говорот на омраза.

-Знаете дека имаше случаи кога после запалениот автобус имаше бугарски граѓанин кој упатуваше навреди кон загинатите во автобусот, бугарската Влада реагираше веднаш со притвор на граѓанинот. Значи, за тој вид на говор на омраза зборуваме, со цел да го затвориме тој токсичен круг на односи во коишто сме влезени и да отвориме едно ново поглавје на пријателство, рече Османи.

Во одговор на прашањето дали имал средба со членовите на македонскиот дел од Историската комисија во однос на Протоколот, Османи рече дека се сретнал со нив додека го договарале Протоколот и дел од нивните забелешки се вметнати во финалната фаза на самиот протокол.

-Во наредните денови планирам да се видам со целата Комисија, почнувајќи од утре со коишто ќе разговараме за чекорите понатаму“, информира Османи.