Бучковски: Ќе најдеме решение, но не за седум дена

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ги наведе денес причините поради кои е донесена одлуката екс премиерот Владо Бучковски да биде именуван за специјален претставник за спорот со Бугарија.

-Не назначуваме техничко лице туку поранешен премиер кој во минатиот период има остварено значаен придонес во подобрувањето на односите меѓу двете земји и е добар познавач на состојбата. Со неговото пополнување се пополнува и дипломатската празнина бидејќи во моментов немаме таму назначено амбасадор на Македонија, рече Османи. 

Наспроти информациите во јавноста дека се подготвува некаков патоказ за Договорот со Бугарија, Османи рече дека се работи на низа механизми со кои се сака да се засили довербата. 

-Создаваме низа механизми преку кои се обидуваме да ја засилиме довербата во политичкиот дијалог помеѓу двете земји, особено да ја вратиме довербата за Договорот за пријателство од 2017 година. Како што веќе информирав работиме и на дополнителни форми на акциски планови преку кои не само декларативно туку и суштински покажуваме со разни намери да ја засилиме довербата во Договорот за пријателство, особено неговата ефикасност и имплементација. Во таа насока дополнително на овие политички механизими нашата интенција е да се посветиме на имплементација на Договорот преку назначување на специјален претставник чија мандатна цел ќе биде токму релизација на прашањата во интересн на двете земји опфатени со Договорот за пријателство. Јас би рекол враќање на довербата во овој најзнаечаен механизам за надминување на меѓусебните прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија“, вели Османи.

Додека зборуваше Османи зградата ја затресе силниот земјотрес, како симболика за стресот од најновата фаза на бугарско-македонските односи. Но, тоа не го помрдна новоименуваниот специјален преставник, Бучковски. Тој изрази задоволство што „следната година“ ќе соработува со министерот Османи во напорите да се најде решение што ќе ги одблокира европските интеграции на Македонија.

-Јас се надевам дека моето именување ќе биде јасен сигнал за посветеноста на нашата влада за исполнувањето на Договорот од 2017 година. Убеден сум дека можеме да стигнеме до решение кое, и ќе го одблокира процесот, и ќе биде во духот на европските вредности со целосно почитување на нашето достоинство, рече  Бучковски, без да навлегува во деталји во интерес на преговорите

Околу забелешката до Бучковски дека има едногодишен мандат, а ние имаме една недела за решавање на спорот до министерскиот состанок на ЕУ, Османи рече дека Договорот од 2017 година беше пресвртница во билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија и формула за успех за надминување на разликите што не можеа да се надминат со години, така што намерата сега е да се врати во него довербата. Според Османи именувањето на Бучковски може да биде дополнителен импулс и механизам во враќањето на довербата во Софија дека нашата владата е посветена на надминување на разликите што постојат.

Тој не ги коментираше ставовите на опозицијата за кредибилноста на Бучковски како специјален преставник за Бугарија  туку само рече дека тој е „сериозна додадена вредност“ во враќањето на довербата во процесот.

Бучковски од своја страна напомена дека во објаснувачкиот меморандум што Бугарија го дистрибуираше до земјите членки на ЕУ  биле споменати само тој, Денко Малески и Љубчо Георгиевски како личности кои макотрпно се борат за исполнување на договорот, што звучеше како Македонија да и ги исполнува желбите на Софија, поточно и испраќа олеснувачи по нејзин вкус.

Според Бучковски пропустот досега бил во тоа што фокусот бил целосно свртен на Историската комисија, додека биле запоставени другите аспекти на Договорот од 2017 година, како заедничките инфраструктурни проекти, соработката во образовнието,  културата и  медиумите, што се  голем пердизвик.

-До последен момент треба да се бориме да се изнајде решение. Ние мора да имаме дијагнози за состојбите кај нас, кои беа очекувањата пред ветото и кои се механизмите што сега ни стојат на располагање, рече Бучковски околу дилемите дека за краток рок може да дојде до одблокирање на процесот.  

-Убеден сум дека ќе најдеме решение, но не за седум дена. Јас не сум „асот од ракавот“ или „џокерот“ кој го влече денеска министерот за надворешни работи и Владата. Јас ја немам таа формула, но јас го имам искуството, ги имам одгласите од Софијаи  од влијателни кругови кои ги оечкуваат резултатите од променетите околности од изминатите 12 месеци .Но, ние сме на вистинскиот пат. Нема да прифатам со нашите бугарски пријатели да ги праќаме пораките по медиуми. Има инструменти, со договорот, ако се користеа досега немаше да дојдеме до оваа криза. Имаме сериозни аргументи околу критиките за неисполнување на договорот, кои се испорачани на другата страна и ги очекуваме реакциите. Кога се молчи подобро се доаѓа до посакуваното решение, рече Бучковски на забелешките дека јавноста се држи далеку од тоа што навистина се договара со Бугарија.