Османи бара уставни измени веднаш по изборите, пред формирањето влада


 

Претседателскиот кандидат на ДУИ Бујар Османи денеска најави дека ако ја добие довербата од граѓаните, најпрво ќе ги седне на заедничка маса сите политички партии за да постигнат државен консензус околу членството во ЕУ. Земјава, нагласи Османи, нема друга алтернатива, освен да ги донесе уставните измени веднаш по изборите, пред формирањето влада. Железната врата на Унијата сега е отворена и тоа мора да се искористи.

Османи на прес-конференција истакна дека според атмосферата во политичките партии, нема да има формирање влада без договор за уставните измени.

Тој вели дека за ова нема билатерален договор, туку, како што рече, повеќето партии кои се сега во различни блокови имаат потпишано документ со кој се обврзуваат дека нема да бидат дел од влада без јасен договор за уставни измени.

„Затоа сум убеден дека прво ќе има договор, односно уставни измени, а потоа ќе има влада. Јас, тој период, како претседател, ќе го користам за постигнување натпартиски, државен консензус во однос на овие прашања. Од атмосферата што ја гледам во политичките партии, нема да има формирање влада без договор за уставни измени во 2024 година и отворање на поглавјето. Првата работа што ќе ја направам како претседател, ќе биде да ги свикам лидерите на политичките партии и главните чинители во државата на состанок што ќе трае колку и да треба, со денови и недели, но нема да излегуваме од тој состанок додека не си подадеме рака еден на друг, додека не постигнеме натпартиски државен консезус дека ЕУ е без алтернатива и дека ќе продолжиме да се натпреваруваме по однос на сите теми и прашања, но не и по однос на ЕУ, бидејќи директивите и регулативите на ЕУ се фиксни – или ги прифаќате или ги одбивате“, подвлече Османи.

Овие избори, додаде, се референдум за ЕУ, бидејќи земјата е на крстопат меѓу два правца – богата и перспективна иднина или изолација, конфликтност и бесперспективност. Земјава ја очекува уште половина пат работа до ЕУ и тоа може да го направи за четири години.

„Веќе сме стигнати до 50 отсто од европското аки и тоа е дел од нашето. Не очекува уште половина пат работа. Тоа можеме да го нарпавиме за четири години зашто покажавме во текот на скринингот дека имаме капацитет. Ни треба само државниот консензус. Консензусот може да го постигне авторитет како претседателот на државата и потоа оставам една до две години ратификција на договорот за членство во парламентите на ЕУ и седнување на маса рамноправни со сите земји – членки до 2030 година“, рече Османи.

Пред прес-конференцијата, Османи одржа средба со академската заедница и невладините организации кои се инволвирани во евроинтеграцискиот процес.