Османи: 16 години сме со кандидатски статус заради билатерални прашања
Прашањата кои немаат поврзаност со процесот ни го попречуваат патот кон ЕУ. Ние 16 години сме со кандидатски статус заради билатерални прашања, изјави во Утрински брифинг министерот за надворешни работи Бујар Османи.
-Во однос на критериумите земјите членки се стриктни и најголемите пријатели на државата во делот на владеењето на правото, реформите тие ќе бидат стриктни. Како што знаат Холанѓаните често да кажат – Стриктни, но фер и ние тоа го сакаме, сакаме засилен мониторинг кој ни помага тука да ги направиме реформите. Нас ни пречат прашања кои што немаат поврзаност со европскиот процес, инаку ако беше до исполнување на реформи, Копенхашки критериуми, политички, економски, и доколку не сме ги исполниле условите тоа е прашање на посветеност, со кое ќе се соочиме во текот на преговорите. Тоа што сметаме дека не е фер кон нашето досие е што прашања неповрзани со ЕУ нас ни се пречка веќе 16 години но нема алтернатива на тој пат. Но, интересот да следните генерации бидат во ЕУ е многу поголем од фрустрациите кои ги чувстува оваа генерација во текот на пристапувањето, истакна Османи.