Ослободениот трговец со оружје Виктор Бут им се придружи на руските ултранационалисти

Бут стана член на озлогласената по ксенофобија Либерално-демократската партија


Виктор Бут во авионот на пат за Русија

 

Рускиот трговец со оружје Виктор Бут, кој се врати дома минатата недела во размена на затвореници за американската кошаркарска ѕвезда Бритни Грајнер, се приклучи на про-Кремљ крајнодесничарската Либерално-демократска партија (ЛДПР), во потег што изгледа како да бара место во рускиот парламент.

Во видеото објавено на Телеграм, лидерот на ЛДПР, Леонид Слуцки, кој стоеше до Бут, рече: „Сакам да му се заблагодарам на Виктор Анатолиевич [Бут] за одлуката што ја донесе и да му посакам добредојде во редовите на најдобрата политичка партија во денешна Русија“.

И покрај своето име, Либерално-демократската партија, од своето основање во 1991 година, пропагираше ултранационалистичка и ксенофобна идеологија, повикувајќи ја Русија да ги нападне земјите од поранешниот Советски Сојуз.

Партијата, исто така, послужи како отскочна штица за несоодветните ликови во руската политика. Во 2007 година, Андреј Луговој, поранешен агент на КГБ, кој е обвинет од Британија за убиство на рускиот дисидент Александар Литвиненко, доби место во руската Дума на листата наа партијата.

Бут, чие ослободување беше претставено како голема ПР-победа од Москва, во понеделникот за руските медиуми изјави дека нема итни планови да учествува на „какви било избори“.

Истакнати руски личности блиски до Кремљ го поздравија влегувањето на Бут во ЛДПР.

„Виктор Бут не е личност, тој е пример за цврстина“, рече Евгениј Пригожин, моќен руски бизнисмен и близок сојузник на Владимир Путин кој ја има платеничката група „Вагнер“.

„Бут сигурно ќе биде добар на чело на која било постоечка партија и секое движење“, додаде Пригожин во изјавата објавена од неговата угостителска компанија „Конкорд“.

Од моментот кога слета во Москва минатата недела, Бут беше на медиумска турнеја организирана од Кремљ во која го пофали Владимир Путин и ја поддржа инвазијата на Москва на Украина.

Неговото прво интервју во Русија беше со државниот телевизиски канал РТ и спроведено од Марија Бутина, која и самата помина повеќе од една година во затвор во САД поради тоа што е нерегистриран агент на Русија.

„Горд сум што сум Русин, а нашиот претседател е Путин“, ѝ рече Бут на Бутина, додавајќи дека ја чувал сликата на Путин во неговата затворска ќелија во САД.

Коментирајќи ја руската војна во Украина, Бут за РТ изјави: „Знам дека ќе победиме“.

Поранешниот пилот на советските воздухопловни сили, кој наводно има врски со руските разузнавачки служби, тврдеше дека доброволно би се пријавил да замине на фронтот доколку ја има „можноста и потребните вештини“.

„Зошто не го направивме тоа порано?“ рече Бут, мислејќи на одлуката на Путин да започне инвазија.