Ослободени пешачки површини во Скопје


Во рамки на Европската недела на мобилноста, што оваа година беше посветена на пешачењето и велосипедизмот под мотото „Пешачи со нас“, екипи на Град Скопје ослободија неколку пешачки површини.

– Изминативе две години во Скопје се посветува големо внимание на местото на пешаците во јавниот простор. Се создаваат простори што се безбедни, корисни и проточни. Се поставуваат дрвореди, зеленило и урбана опрема на местата каде што некогаш паркираа возачите. Безбедното пешачење и возење велосипед е врвен приоритет на Град Скопје, се вели во соопштението од Град Скопје.
Градските власти информираат дека тротоарот пред Порта Буњаковец е збогатен со урбана опрема (бетонски огласници) на која е насликана улична уметност. Тротоарот пред Трготекстил на улицата „Кирил и Методиј“ е збогатен со улична уметност и саксиско зеленило.

Скопјани сега ќе можат да пешачат по тротоарите пред главната Пошта, пред Министерство за правда, по тротоарот на улицата „Васко Карангелески“, спроти Музејот на Град Скопје, каде сега има мешана пешачко-велосипедска патека, пред Европскиот универзитет…
Од Град Скопје потсетуваат дека летоска беше отворен првиот памптрак во Скопје пред Олимписки базен за рекреација на децата и младите и за подобро развивање на нивните вештини на тркала. Новиот пешачки премин кај Олимпискиот базен е создаден за побезбедно преминување на булеварот „Кочо Рацин“, но и за подобро поврзување на автобуските станици од двете страни на булеварот.


За поголема безбедност кај ОУ „Кочо Рацин“ на Водно е поставена заштитна ограда и платоа за намалување на брзината на сообраќајот, реконстриурана е велосипедска и пешачка патека на булеварот „Осми Септември“, од возила ослободени се тротоарите на „Климент Охридски“. На десетици локации низ Скопје се поставени паркинзи за велосипеди по барање на граѓаните.

– „Сврти го градот без автомобил“ е нашата девиза, и во таа насока Град Скопје ќе продолжи и во наредниот период да работи на подобрување на пешачката и на велосипедската инфраструктура. Ќе продолжи градската нулта толеранција за непрописно паркирање и узурпација од возила на јавните површини. Скопје станува функционален град кој обезбедува квалитетен живот за сите граѓани, особено преку поттикнување промена на начинот на транспорт од патувања со автомобил на патувања со одржливи видови транспорт, се вели во соопштението од Град Скопје.