„Оската СДСМ-ДУИ-Левица сака да ја врати Македонија назад“, обвинува Мицкоски


Христијан Мицкоски зборува во Валандово

 

На денешните два митинзи во Дојран и Валандово претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ги нарече СДСМ, ДУИ и Левица „тројна оска“ која сакала да ја врати Mакедонија назад. Мицкоски во Дојран таа „тројна оска“ ја нарече полуформална коалиција.

„На овие избори имаме две опции. Трета опција нема. Едната опција е една, полуформална, на моменти неформална, а по својата длабока суштина, многу формална  коалиција, во која што членуваат политички партии кои што се здружиле поради две основни цели“, рече Мицкоски, па образложи што им била целта.

„Првата е власта и желбата за власт. А, втората е патолошката омраза кон ВМРО-ДПМНЕ. Се осојузиле Венко, Али и Димче затоа што власта им е помила од сѐ во животот, па дури и од сопствените принципи, но и патолошката омраза која што ја имаат кон ВМРО-ДПМНЕ е толку силна што успеа да ги премости сите нивни разлики, и политички и лични, само за да се обединат и да се обидат на овие избори да направат некаков резултат. Тие практично со својата порака на овие избори, а тоа е ‘Се бориме за нашиот дом’, јасно нѐ потсетуваат дека имаа 7 години влада во Македонија, 7 години можност, да се борат за нашиот  заеднички дом, нашата татковина Македонија. А, освен тоа што направија голем пустош, ја ограбија практично Македонија, ги опљачкаа граѓаните во Македонија, ја распродадоа Македонија, потпишуваа секакви договори, друг спомен, нема друга меморија од тие 7 години“, рече Мицкоски.

Малку подоцна, во Валандово ги кажа речиси истите работи. На митинзите зборуваше и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.