Оскаровката Џесика Честејн во Киев: Се сретна со Зеленски и посети детска болница
Украина– Оскаровката Џесика Честејн беше во Киев, Украина, за време на викендот. Таа во неделата ја посети детската болница Охматдит, а подоцна се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски и шефот на претседателската администрација Андриј Јермак.
Честејн, која годинава доби Оскар за најдобра актерка за нејзината изведба во „The Eyes of Tammy Faye,”, е најновата славна личност која покажа поддршка за Украина, каде што продолжува руската инвазија на земјата.
Зеленски на својот профил на Телеграм објави слики од средбата со напомена: „Американската актерка Џесика Честејн денеска е во Украина. За нас ваквите посети на познати личности се исклучително вредни. Благодарение на ова, светот уште повеќе ќе ја слушне, дознае и разбере вистината за она што се случува кај нас. Ви благодариме за поддршката!“
Во своето секојдневно обраќање до народот на Украина, Зеленски рече: „Украина ќе стори сé за нашата борба и украинските потреби да бидат познати во сите земји во светот и во целата публика – дури и оние кои обично не го следат политичкиот живот. Поточно, американската актерка Џесика Честејн денеска пристигна во Киев. Таа го посети Охматдит и со свои очи ги виде последиците од руската окупација во Ирпин, регионот Киев“.
„Нејзината приказна за нашата војна дефинитивно ќе се слушне. Подготвуваме важен хуманитарен настан“, додаде Зеленски. „И јас сум благодарен на сите пријатели на Украина во странство и на сите што помагаат да ги прошириме нашите врски во светот. Правиме се за да победиме, се за да ја заштитиме нашата земја“.
Актери од холивудската А-листа кои претходно ја посетиле Украина ги вклучува и Бен Стилер, Шон Пен, Лиев Шрајбер и Анџелина Џоли. (Варајати)
