Оскаровецот Јануш Камински и Столе Попов се лауреати на ИФФК „Браќа Манаки“


Камински е тандем-партнер на водечкиот американски режисер Стивен Спилберг, за чии филмови има освоено 2 „Оскари“: „Шиндлеровата листа“ (1994) и „Спасувајќи го војникот Рајан“ (1999)
Македонскиот режисер Столе Попов со  „Црвениот коњ“, „Среќна Нова ‘ 49“, „Тетовирање“, „Џипси меџик“ и последниот во 2014, „До балчак“ освојувал награди на многу меѓународни фестивали

 

Само еден ден ќе трае 41. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој поради Ковид-19 годинава ќе се одржи на 19 септември во Битола, соопштија на денешната прес-конференција директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска, и Игор Иванов-Изи, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ).
Јануш Камински

Лауреат на „Златна камера 300“ за животен опус е полско-американскиот кинематографер Јануш Камински, а нашиот режисер Столе Попов ја доби наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на ДФРМ.

– Ковид-19 нѐ затекна сите. Ги живееме последиците од оваа катастрофа, така е и со фестивалот „Браќа Манаки“. Одржавме седум состаноци на кои ја следевме состојбата кај нас и во светот и одлучивме да постапиме како и сите други светски филмски фестивали – рече Иванов.

Столе Попов

Теодосиевска рече дека ќе бидат доделени највисоките награди на централниот настан во Битола, а ќе се обратат покровителот на фестивалот, претседателот Стево Пендаровски, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, претседателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи. Со видеопорака ќе се обратат и претседателот на ИМАГО, Кеес ван Острум и лауреатот Камински.

Тој е најмлад досегашен добитник на „Златна камера 300“. Светската слава ја стекнал во креативната соработка како тандем-партнер на водечкиот американски режисер Стивен Спилберг, за чии филмови има освоено 2 „Оскари“: „Шиндлеровата листа“ (1994) и „Спасувајќи го војникот Рајан“ (1999), а бил кинематографер на7  негови филма, номинирани за „Oскар“, меѓу кои: „Минхен“ (2002), „Мост на шпиони“ (2015), „Весникот Вашингтон пост“ (2017).

Полско-американскиот кинематографер Камински, кој со своите 61 година е најмлад добитник на оваа награда, годинава нема да дојде во Битола, но во своето обраќање вели дека ќе дојде следната, и истакнува дека е запозаен со творештвотот на Милтон и Јанаки Манаки и дека токму затоа оваа награда му е посебно драга.

Според филмскиот критичар и селектор на фестивалот Благоја Куновски-Доре, Камински има добиено два Оскара, за „Шиндлеровата листа“ и за „Спасувањето на војникот Рајан“, а кинематографер е на 7 филмови на Спилберг кои биле номиниран за Оскари за најдобри филмови, меѓу кои се: „Минхен“, „Мост на шпиони“, „Пост“, плус трите номинации за Оскари за кинематографер за филмовите: „Бродот со робови Амистад“, „Линколн“ и „Воениот коњ“, а четвртата номинација му е за филмот „Потонатото ѕвоно и пеперутката“ на Џулијан Шнабел.

Стојан Синадинов од Кинотеката, во портретот за Попов вели дека филмската кариера ја почнал со краткиот документарец „Оган“ во 1974, со кој освојува прва награда на Фестивалот на документарен и краткометражен филм во Белград, продолжува со креирање документарни филмови: долгометражниот „Австралија, Австралија“ и краткометражниот „Дае“, со кој влегува во историјата на македонската кинематографија како прв номиниран филм за Оскар, како југословенски кандидат.

Од 1981 Попов снима играни филмови и досега има реализирани пет долгометражни наслови кои постигнале врвни успеси на голем број меѓународни фестивали во светот, како : „Црвениот коњ“, „Среќна Нова ‘ 49“, „Тетовирање“, „Џипси меџик“ и последниот во 2014, „До балчак“.