Од февруари во април: И Оскарите ќе доцнат поради коронавирусот


САД– Свеченоста за 93-то доделување на Оскарите следната година е преместена од февруари на крајот на април, а тоа е направено поради епидемијата на коронавирусот, објави Американската академија за филмски уметности и наука.

Доделувањето ќе се одржи на 25. април. Првичниот датум – 28 февруари, сега е новиот одреден датум кога филмовите ќе почнат да се прикажуваат за влез во трката за номинации.

Корона-епидемијата уште во март ги затвори кината, но и филмските студија во цел свет.

„Се надеваме дека тоа што го продолживме периодот за избор на филмови и го променивме датумот на свеченоста, ќе им даде флексибилност на филмаџиите да ги завршат филмовите и да почнат со прикажување – значи, да не бидат казнети за нешто што е вон чија било контрола“, порачуваат во соопштението претседателот на Академијата, Дејвид Рубин и извршната директорка Даун Хадсон.

Поместено е и отворањето на Академијата музеј за филмови – од декември 2020 на 30 април наредната 2021 година.

Академијата за филмска уметност претходно соопшти дека ќе формира група чија задача ќе биде утврдување насоки за различност и инклузија кои треба да ги исполнат филмаџиите доколку сакаат нивните дела да се квалификуваат за најпрестижната филмска награда во светот.

Академијата , која беше критикувана поради тоа што досега има наградено само неколку филмови и актери Афроамериканци, вели дека овој потег и следните чекори претставуваат нова фаза на петгодишниот напор за промовирање на различностите.

Во соопштението стои дека организацијата ќе работи со продуцентскиот еснаф на Америка за да формира работна група на лидери во филмската индустрија кои треба да развијат стандарди за застапување и вклучување за кандидатите за Оскари најдоцна до 31 јули, пренесува „Ројтерс“.

Правилата нема да важат за филмовите кои ќе се натпреваруваат за „Оскари“ на следната церемонија во 2021 година.