Оскарите 2021 низ бројки- поинакво, но гламурозно шоу


САД- Американската Академија за филмски науки и уметност в недела најавува поинакво издание на  Оскаровското шоу, но секако гламурозно и возбудливо.

-93-то доделување на Оскарите в недела ќе биде еден од ретките настани во светски рамки на кој ќе присуствуваат големи филмски имиња, со што се одвојува од сите други манифестации кои се одржаа во време на пандемија и воглавно ја користеа апликацијата Зум. Номинираните и презентерите на најпрестижните филмски награди ќе бидат во Јунион Стејшн Лос Анџелес и во Театарот Долби во Холивуд, а ќе има и сателитски вклучувања од повеќе локации ширум светот.

Хали Бери, Бред Пит, Хоакин Финикс, Рита Морено, Анџела Басет, Лора Дерн, Риз Видерспун, Рене Зелвегер, Зендаја се дел од ѕвездите кои ќе бидат дел од шоуто.

На доделувањето на Оскари петте номинирани филмски песни ќе ги изведат Лаура Паузини, Дајан Ворен, Селест, H.E.R., Лесли Одом Џуниор, Даниел Пембертон, Моли Санден.

Само презентерите и номинираните со плус едно лице во придружба ќе имаат право лично да присуствуваат на 93. церемонија на „оскарите“ в недела.

„Менк“ на Дејвид Финчер доби најмногу номинации за 93. Оскари. Овој филм е номиниран во 10 категории.

За прв пат во историјата две жени, Клои Жао и Емералд Фенел, се номинирани за најдобра режија. До сега во оваа категорија биле номинирани само 5 жени. Жао е прва режисерка со азиско потекло која ја добива номинацијата, но и жена со најмногу номинации во една година – таа исто така е номинирана за адаптирано сценарио, за монтажа и за продукција за филмот „Земја на номади.“

За најдобар филм ќе се борат 8 наслови – „Земја на номади“, „Менк“, „Исус и црниот месија“, „Минари“, „Надежна млада жена“, „Звук на металот“, „Татко“ и „Судењето на чикашките седуммина“.

Клои Жао веќе освои Златен глобус за режија

За најдобра режија се номинирани Клои Жао за „Земја на номади“, Емералд Фенел за „Надежна млада жена“, Дејвид Финчер за „Менк“, Ли Ајзак Чанг за „Минари“ и Томас Винтерберг за „Уште една тура“.

Чедвик Боузман посмртно е номиниран за Оскар за најдобар актер за својата последна филмска улога во „Ма Рејни: Мајка на блузот“

Чедвик Боузман посмртно е номиниран за Оскар за најдобар актер за својата последна филмска улога во „Ма Рејни: Мајка на блузот“, а во оваа категорија се и Ентони Хопкинс за „Татко“, Риз Ахмед за „Звук на металот“, Гери Олдман за „Менк“ и Стивен Јеун „Минари“.

Гери Олдман во „Менк“

Петте номинирани актерки се Андра Деј за „САД против Били Холидеј“, Вајола Дејвис за „Ма Рејни: Мајка на блузот“, Френсис Мекдорманд за „Земја на номади“, Ванеса Кирби за „Делови од жена“ и Кери Малиган за „Надежна млада жена“.

Свеченоста на доделувањето на Оскарите на 25 април ќе се одвива на повеќе места, а не само од „Долби театарот“ во Лос Анџелес, како досега, соопшти Американската академија за филмски науки и уметности.

Театарот „Долби“

– Во оваа уникатна година, која бара толку многу од нас, Академијата е решена да ги додели Оскарите, притоа давајќи приоритет на јавното здравје и безбедност на сите што ќе учествуваат. За да создадеме претстава која нашата светска публика ќе сака да ја види, прилагодувајќи се на барањата на пандемијата, свеченоста ќе се емитува во живо од повеќе места, вклучително и „Долби театарот“. Со нетрпение очекуваме да споделиме повеќе подробности, но тоа ќе се случи наскоро, соопшти Академијата.

Годинешниот пренос е замислен како своевидна комбинација од класичен ТВ-пренос, видеоврски со ѕвездите и интернет-пренос. Оскарите се најгледаниот забавен настан во САД, покрај Еми, Греми наградите и Златните глобуси.

И покрај минатогодишниот рејтинг на историски минимум со 23 милиони гледачи, доделувањето на Оскарите е на второ место по рејтинг, зад Суперболот.(Според агенциите)