Оскар 2023: Андреа Рајсборо ја задржа номинацијата и покрај контраверзите


САД- Академијата за филмска уметност и наука нема да ѝ ја одземе номинацијата за Оскар на британската актерка Андреа Рајсборо, иако имало загриженост околу кампањата за нејзиниот филм „За Лесли“. Рајсборо како тотален аутсајдер доби номинација за најдобра актерка откако за неа лобираа бројни актери и актерки од холивудската А-листа, при што некои организираа и приватни проекции на филмот.

Оскаровската академија испита дали со ваквата кампања биле прекршени нејзините правила и заклучи дека „тоа не било издигнато на такво ниво за Рајсборо да биде дисквалификувана“.

„Сепак, откривме тактики од кампањата кои предизвикаа загриженост и тоа се решава директно со одговорните страни“, изјави извршниот шеф на академијата, Бил Крејмер.

Тој не ги именуваше одговорните страни, но кажа дека Рајсборо не направила ништо погрешно.

„За Лесли“ е нискобуџетна драма која кога излезе, заработи само 27.000 долари во кината. Рајсборо глуми мајка алкохоличарка која мора да преживува откако потроши голема добивка од лотарија и нејзината изведба дојде во фокус откако бројни филмски ѕвезди почнаа да ја фалат јавно. Се верува дека проблематичниот дел од лобирањето беа објавите на социјалните мрежи кои се осврнуваа и на други можни номинирани актерки, што е забрането.