Осигурувањето на живот бележи најголем кумулативен раст од 455 проценти

Во последната деценија нашата земја во сегментот осигурување на живот бележи најголем кумулативен раст од 455 проценти и просечен годишен раст од 21 отсто меѓу земјите од Југоисточна Европа, рече претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Климе Попоски, на Меѓународната конференција за синергијата помеѓу осигурувањето на живот и пензиското осигурување во Братислава.

Попоски кој со своја презентација учествуваше на панелот за пристапот на регулаторотите во однос на третманот на долгорочни финанскски производи во осигурувањето и пензиските фондови, ги истакна позитивните резултати во развојот на осигурувањето на живот во последната деценија.

-Ефективна, ефикасна и независна супервизија која ги имплементира во своето работење меѓународните регулаторни принципи пропишани од страна на Меѓународната асоцијација на осигурителни супервизори, хармонизирање се европските осигурителни директиви, активностите на финансика едукација, како и поволниот макроекономски амбиент, монетарна и финансиска стабилност и силно присуство на осигурителни групации од ЕУ во нашата земја, претставуваат клучни фактори за постигнатите резултати, посочи Попоски.

На панелот се разговараше за сличностите и разликите меѓу регулаторниот третман на долгорочните производи во осигурителниот и пензискиот сектор, како и за трендовите во осигурување и пензии.

Конференција за синергијата помеѓу осигурувањето на живот и пензиското осигурување на 11 и 12 април во Братислава ја организираа Меѓународната асоцијација на осигурителни супервизори (IAIS), Меѓународната организација на пензиски супервизори (IOPS), Организацијата за економска соработка и развој (OECD) и Народна банка на Република Словачка (NBS). Целта на настанот беше да се согледа важноста на акумулирањето и управувањето на средствата и обврските на начин кој ќе обезбеди поддршка за раст и сигурност на приходите од пензија.