Осигурителни компании размислуваат за замрзнување на полисите за бродовите во Црното Море


wallup.net

Осигурителни компании размислуваат да ги замрзнат полисите на бродовите што сакаат да пловат во Украина, откако Русија го суспендираше учеството во договорот за транспорт на жито преку безбеден коридор во Црното Море, велат извори за западни медиуми.

Иницијативата гарантираше безбеден извоз на жита и ѓубрива од три украински пристаништа на Црното Море, според договорот меѓу Русија, Украина и Турција, постигнат во јули минатата година со посредство на Обединетите нации.

Договорот беше склучен на 120 дена, а во ноември минатата година беше продолжен за уште 120 дена и во март за уште 60 дена. Истече денеска, а Русија објави дека не се почитуваат одредбите за нејзиниот извоз.

„Поради пропаѓањето на договорот за Црноморскиот коридор, повеќето сопственици на бродови повеќе нема да се закотвуваат во украинските пристаништа“, изјави Кристијан Винтер Кристенсен, главен оперативен директор на данската бродска групација NORDEN.

Последниот брод со жито што пловел за странските пазари според Црноморскиот договор ја напушти Украина во неделата.

Осигурувањето беше клучно за транспорт на пратки низ коридорот, а извори од осигурителната компанија велат дека размислуваат дали покривањето може да продолжи во некоја форма, со оглед на одлуката на Русија.

„Некои осигурителни компании ќе се обидат да ја искористат ситуацијата и значително да ја зголемат цената на осигурувањето, а некои ќе го прекинат осигурувањето. Клучното прашање е дали Русија ќе ја минира областа, што практично би го запрело осигурувањето“, вели еден извор од осигуретлни компании.