Оштетените штедачи на Еуростандард банка со иницијатива до Уставниот суд

Здружението на оштетените штедачи од Еуростандард банка до Уставниот суд поднеле иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 163 став 3 од Законот за банки со кој се дава предност за целосна наплата од стечајна маса на Фондот за осигурување на депозити.

Со овој член од Законот за банки, како што појаснуваат, се прави нееднаквост и дискриминација на доверителите во стечајна постапка на банка, бидејќи врз основа на оваа одредба се фаворизира побарувањето на Фондот за осигурување на депозити наспроти сите други доверители.

– На овој начин, во исклучителна подредена позиција се доведуваат граѓаните – физички лица кои имаат депозити над износот на осигурување во Фондот (30.000 евра) и особено правните лица – депоненти за кои не постои никакво осигурување и обештетување при настанување на стечај на банка, се вели во денешното соопштение од здружението.

Од Уставниот суд бараат да изрече привремена мерка со која би се сопреле од извршување сите подзаконски акти или дејствија што се превземени врз основа на овој член од Законот за банки до конечната одлука на Уставниот суд.

Потсетуваат дека не отстапуваат и од нивното барање за целосно обештетување на нивните депозити преку носење на закон, уредба на Влада или некој друг правен механизам.