Оштетен потпорниот ѕид на зградата на штипскиот Центар за култура „Ацо Шопов“ при изградба на катна гаража


Еден од потпорните ѕидови е оштетен, а прекинат е громобронот, кој го штити штипскиот Центар за култура „Ацо Шопов“ да не се запали при удар на гром, бидејќи во централното градско подрачје, ова е една од повисоките институции. Овие оштетување се направени од фирма која е ангажирана од Општина Штип за изградба на катна гаража.

Директорот на штипскиот Дом на култура, Горан Трајков истакна дека правдата ќе ја бара во повисоките институции, откако не наиде на разбирање од општинските служби. Реагира дека градбата на катната гаража на местото на паркингот во секоја фаза сѐ повеќе ги поткопува темелите на оваа културна институција. На денешната прес-конференција, Трајков истакна дека од штипскиот Основен суд бараат времено запирање на работата. Претставки поднеле и до Државниот градежен инспекторат, а на терен ќе излезат и од Градежниот институт откако, како што вели Трајков, никој од градежните проценители не се нафатил да го направи тоа. Досега на терен биле само од Министерството за труд и социјална политика.

-Се обративме до Градежен институт во Скопје, каде што побаравме помош и кажавме кој е проблемот со градежните проценители, тие се нафатија и во следните денови ќе дојдат и ќе ја утврдат оваа штета. Испративме до Државниот градежен инспекторат претставка во којашто ги наведовме сите овие аномалии коишто ги има и како се изведува на лице место. Очекуваме да излезат и да реагираат. Излегоа од МТСП и утврдија невработени луѓе коишто работат неосигурни на оваа катна гаража, испративме времена мерка до Судот, бараме итно стопирање и ревидирање на овој проект и дали ова подложи на поставување урбана опрема или е целосен градежен зафат, рече Трајков.

Општинскиот градежен инспектор, вели Трајков, нема излезено на терен и по четири недели од поднесената претставка. Не реагирал ниту сообраќајниот инспектор. Трајков посочува оти изградбата на едно нешто, не смее да ја запре работата на друго и за него ова претставува чист вандализам.

-Да излезе општинскиот градежен инспектор на лице место, да ја утврди штетата којашто е настаната, уништувањето на заземјувањето на самиот објект којшто подлежи на целосна проектна документација и нанесување штета ако дојде до, не дај Боже, удирање на гром, затоа што овој објект е еден од повисоките во овој дел на градот, може да се запали. Не значи и не смее да се прави нешто, а друго да се уништува и другите да се оневозможуваат да работат, рече Трајков.

Тој и претходно реагираше во однос на изградбата на катната гаража, која, според него, за културната институција би донела пропаст. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска преку писмено соопштение го изнесе ставот.

-Општина Штип оваа година реализираше повеќе од 200 проекти, годишниот буџет е двапати поголем од она кое го имавме во 2021 година, во моментов реализираме уште 20 проекти, а сето ова во интерес на граѓаните. Ваквиот начин на работа им пречи на СДСМ и нивните локални гласноговорници. Затоа бараат начини и методи за опструкција и замајување на јавноста. Тие нека продолжат со негирање и опструкции, а ние ќе продолжиме со интензивна работа за и невозможното да го направиме возможно!, вели Јорданов во писменото соопштение.

Директорот пак на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип, Трајков смета дека ваквото работење отвора можност за секого да работи без дозвола и посочи оти во следните денови ќе излезат со комплетна документација.