Орото на прилепчани за полицискиот час ќе ги чини 30.000 евра


За играње оро во полициски час, ОЈО Гевгелија побара 30.000 евра казна за 30 играорци од Прилеп и 13.000 евра за лица кои се движеле пеш или со возила со што не ја почитувале забраната за движење.

Јавното обвинителство информираше дека 30 лица се обвинети затоа што на 19 април 2020 година, за време кога во сила била забраната за движење, излегле од своите домови и на улицата „Јосиф Јосифовски“ во Прилеп играле оро, на претходно пуштена музика. Обвинетите со тоа, постапиле спротивно на забраната за движење, односно полицискиот час и не ја почитувале Одлуката на Владата со која се предвидуваат мерки за спречување на натамошно ширење на опасната заразна болест предизвикана од вирусот  КОВИД-19.

Останатите 13 лица, го сториле кривичното дело движејќи се пеш или со возила за време на полициски час.