Орнела Мути ќе го води фестивалот „Сан Ремо“

Актерката на 1 февруари ќе биде домаќин на отворањето на познатиот италијански Фестивал на поп-песни во Сан Ремо, кој директно се прикажува на Италијанската државна телевизија, но и во други земји


Русија– Италијанската глумица Орнела Мути, со родено име Франческа Романа Ривели, сака да стане руска државјанка оти ја смета руската култура за дел од својата, изјави таа во интервју за Тасс.

– Би сакала да добијам државјанство бидејќи тоа е дел од мојата култура поврзана со мајка ми. Таа почина оваа година и тоа ќе ѝ биде подарок, вели Мути.

Мути долго време го учи рускиот јазик, но сѐ уште не го зборува течно.

– Јазикот го учам со апликацијата „Babbel“. Постепено научив кирилица, но граматиката е комплицирана… А, и кога ќе научиш кирилица, сѐ уште ги мешаш буквите. Ми треба вежбање, добро би било да одам на Русија неколку месеци, додаде таа.

Нејзината баба е родена во Санкт Петербург, а потоа со нејзиниот сопруг заминале во Естонија, каде што во време на СССР е родена мајката на глумицата. А таа, пак, е родена 1955, во Рим.

– Мајка ми не знаеше добро руски, но се сеќавам како ми ги пееше песните (на руски јазик): „Баба, баба, баба дојде“, се потсети Мути.

Таа смета дека Италијанците и Русите се прилично блиски народи.

Актерката на 1 февруари ќе биде домаќин на отворањето на познатиот италијански Фестивал на поп-песни во Сан Ремо, кој директно се прикажува на Италијанската државна телевизија, но и во други земји. На 14-годишна возраст, Мути глуми со Дамијано Дамијани во „Најубавата сопруга“ (La moglie piu bella, 1970). Во својата кариера има глумено во околу 100 кино и ТВ-филмови, меѓу кои и оние на режисери како Дино Ризи, Франческо Роси, Марио Моничели, а и во повеќе странски проекти. Можеби е најпозната по улогите покрај Адријано Челентано во „Скротување на непокорната“ (Il bisbetico domato, 1980) и „Лудо вљубени“ (Innamorato pazzo, 1981).