„Оркестар за џез музика“: Изненадени сме од ставовите на Филхармонија


Националната установа „Оркестар за џез музика во Република Северна Македонија“ денеска соопшти дека добиле позитивни реакции од јавноста за официјализирање и институционализирање на нивната дејност, но се изненадени од ставот на колегите од Филхармонија, кои бараат да се промени одлуката за вдомување на оваа установа во нивните простории. 

– Разбирлив е отпорот кон промени, но не можеме да ги оправдаме ниту прифатиме како основани изнесените ставови од страна на нашите колеги. Имено, би сакале да ги потсетиме нашите колеги за нашите заднички реализирани проекти и потврдената квалитетна соработка во текот на овие седум години работење на ЗЏМ Биг Бендот. Ова е период во кој Биг бендот успеа да реализира огромен број концерти во преполни сали за кои се бараше билет плус, на кои како гости учествуваа значајни имиња од земјава и регионот и чиј квалитет беше препознаен од целата македонска јавност, а дел од тие концерти беа реализирани во соработка токму со нашите колеги од Филхармонија. Драги ни се овие соработки со Филхармонија, голем дел од концертите и пробите за овие концерти се случуваа токму во просториите на Филхармонија, па можеби затоа природно произлегла идејата нашата институција да има свое седиште токму во овие простории, велат од „Оркестарот за џез музика“.

Ако се земе во предвид, посочуваат од таму, дека станува збор за две институции кои функционираат на исто поле – музика, уметност, култура, мислиме дека овие институции треба синергично да соработуваат, заедно давајќи придонес во создавањето културни вредности.

– Во нашиот случај станува збор за новооформена институција, за прв пат после толку години во нашата земја има џез оркестар, па од наш заеднички интерес е да делуваме смирено и сплотено, најколегијално сите да придонесеме во формирањето на уште една културна установа која ќе промовира вистински вредности и висок квалитет. Да не дозволиме да го изгубиме овој кадар, туку заедно да придонесеме во создавањето нови приказни на квалитетна музичка соработка, посочуваат од „Оркестарот за џез музика во Република Северна Македонија“.

Тие апелираат да не се избрзува со предвремени реакции пред конечното утврдување на тоа како ќе функционира новата институција, и заеднички, Министерството за култура, Филхармонија и тие како претставници на Џез оркестарот, објективно да ја проценат целата ситуација, да се утврдат условите под кои оваа институција ќе може најдобро да функционира, и да се дојде до решение кое ќе биде во најдобар интерес за двете институции.

Инаку, Владата неодамна на седница донесе одлука за основање национална установа „Оркестар за џез музика во Република Северна Македонија“ – Скопје, која ќе биде сместена во просториите на Филхармонија.

Веднаш после одлуката, од Филхармонија излегоа со реакција во која посочија дека решението оваа установа да биде сместана кај нив е целосно несоодветно и ќе направи повеќе штета отколку полза.

– Како вработени во Филхармонија би сакале да ја изразиме нашата загриженост за функционирањето на институцијата и да укажеме на тоа дека во објектот на филхармонијата (која што е нашиот втор дом), не е возможно паралелно да работат две институции, односно два различни субјекти, посочија од Филхармонија.

Оттаму велат дека концертната сала и целиот објект каде што творат, е замислен, конципиран и изграден исклучиво наменски и според потребите на севкупното функционирање на Филхармонија.

Како што потенцираа, потпишана е и петиција од 108 вработени, која е испратена до министерката за култура и претседателот на Владата со цел промена на одлуката за вдомување на Џез оркестарот во просториите на Филхармонија.