„Орка холдинг“ го демантира Костадинов: Не сме го финансирале ВМРО-ДПМНЕ


„Орка холдинг“ ги демантира наводите кои денеска ги изнесе во јавноста портпаролто на владејачката СДСМ, Костадин Костадинов. Тој денеска побара од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да одговори дали Орце Камчев е финанисер на изборна кампања на најголемата опозициска партија во земјава.

„Најостро и со целосна одговорност ги демантираме тврдењата кои денеска ги произнесе во јавноста Костадин Костадинов, портпарол и пратеник на СДСМ, дека Јордан Камчев, односно, било која од фирмите на Јордан Камчев била вклучена во финансирање на изборна кампања на ВМРО – ДПМНЕ. Овие тврдења, кои се на ниво на шпекулации произлегуваат единствено од меѓупартиското нетрпение и се резултат единствено на меѓупартиско препукување. Недозволливо е со цел освојување на ситни партиски поени да се задава ваков удар на приватните компании кои како значајна гранка од економијата на оваа држава успешно работат и без никакви државни тендери или државна помош вработуваат огромен број на луѓе и придонесуваат за нејзиниот развој“, стои во демантот на „Орка холдинг“.

Понатаму, тие велат дека нивната компанија која во моментов вработувала 2670 луѓе и само во периодот од 01.01.2019 – 30.06.2019 година во буџетот на РСМ, по основ на различни даноци и придонеси исплатила 14 милиони евра, додека, во истиот период, по основ на плати за вработени исплатила бруто вредност од 17 милиони евра од кои 5 милиони евра за придонеси.

„Спротивно на она кое моментално се случува, сметаме дека државата и партиите се оние кои треба да го поддржат и помогнат работењето на ваквите компании кои нудат вакви вредности за сите, а не да го рушат нивниот углед и да фрлаат црна сенка на нивното работење“, велат од „Орка холдинг“.